Законот за борба против климатските промени изгласан минатата година доаѓа со пакет субвенции од 370 милијарди долари. Пари кои ќе почнат да се делат од 1 јануари годинава, меѓу другото и како даночно олеснување за надградба на системите за греење и поставување соларни панели.
Инвестициите во зелените енергии се очекува дека во следната деценија ќе имаат потреба од речиси 540.000 работници. Ваквата бројка е посебно проблем ако се има предвид сегашнатa стапка на невработеност во САД која изнесува само 3,5%, па фирми не можат да најдат вработени ниту за сегашните позиции.
Дел од решенијата се бараат вон пазарот на трудот, па така СанПауер работи на упростување на монтажниот процес за своите панели, со што за два пати би се зголемила ефикасноста на работниците што работат на нивна монтажа.
Конкуренти како Санран се кладат на дронови, кои би требало да помогнат во монтажата и да го олеснат процесот на земање мерки на кровот пред инсталацијата на панелите.
Во потрагата по работници дел од компаниите воведуваат посебни програми за обука на воени ветерани, жени и поранешни затвореници. Посебен таргет им се воените ветерани за кои сметаат дека имаат далеку подобра претходна подготовка благодарејќи на воената обука и можат побрзо да се адаптираат за работа во индустријата.