Геил Еванс и Марта Рамос имаат една заедничка работа: чистачки во едни од најиновативните, најпрофитабилни и во секој поглед најуспешни компании на своето време.
За Еванс тоа значело рибање подови во зградата 326 на Кодак во Рочестер, за Рамос истото тоа во генералштабот на Епл во Купертино.
Во 35-те години колку што ги делат овие две биографии, компаниите се префрлија на новата менаџмент-теорија: фокусирај се на главниот бизнис, а сè друго аутсорсирај. Ваквиот пристап ги направи компаниите попродуктивни, а на сопствениците им донесе огромен профит. Но истовремено тоа ја разгоре нееднаквоста и е една од причините зошто огромен број американски работници едвај крпат крај со крај, дури и кога на домашната економија ѝ оди добро.
Рамос во Епл заработува 16,60 долари на час, отприлика исто колку што заработувала Еванс во Кодак, кога ќе се пресмета инфлацијата.
И тука завршуваат сите сличности.
Геил Еванс била комплетно вработена во Кодак. Имала 4 недели платен одмор, бонус секој март, а добивала и пари за дошколување вон работното време. Кога канцелариите што ги чистела биле затворени, компанијата ѝ нашла друга работа: да сече филмски ленти на друго место.
Марта Рамос е ангажирана од контрактор што е ангажиран од Епл за одржување хигиена. Со години нема земено годишен одмор бидејќи не може тоа да си го дозволи (одморот би бил неплатен). Бонуси нема, да најде пари за дошколување е сосема нереално, а нема ни приближна опција да работи нешто друго во Епл.
Сепак, најголемата разлика меѓу овие две чистачки судбини е во шансите. Кога менаџерот на Еванс разбрал дека таа зема часови за компјутер, ја замолил да ги научи другите чистачки како да го користат програмот за попишување на инвентарот. Кога во 1987 година таа завршува колеџ, бива префрлена во информатичкиот дел на компанијата. Деценија подоцна станува главен технолошки менаџер во Кодак, а подоцна и топ менаџер во неколку други компании.
Главната опција што пред себе ја има Рамос е да стане шефица на другите чистачки, што би ѝ носело само 50 екстра центи на час.
И двете чистачки. И двете го минувале работното време чистејќи го подот. Само што за едната од нив, тој под истовремено е и плафон на нејзините очекувања.