Експериментот го прават со група негувателки во старечки дом, кои за иста плата наместо 8 часа работат по 6 часа на ден. И покрај тоа што ова значи и ангажирање на 14 дополнителни вработени за пополнување на празните часови, што е и поголем трошок, од домот експериментот го сметаат за успех. Според нив најголемиот ќар е што со намалување на работните часови се зголемила продуктивноста на вработените, негата што ја нуделе, како и општата благосостојбата на целиот кадар.
Сервисите на Тојота во Гетеборг, пред 13 години се префрлаат на 6-часовен работен ден и од тогаш остануваат така. Тие имаат две смени, една од 6 до 12 часот, и втора од 12 до 18 часот. Во прво време муштериите се незадоволни заради продолженото време за чекање, а работниците под притисок прават грешки.
"Персоналот подобро се чувствува, помалку луѓе ја напуштаат компанијата, а полесно е да регрутираш нови луѓе. Побрзо стигаат до работа, поефикасно ги искористуваат машините, а капиталните трошоци се намалени - сите се среќни. Профитот е зголемен за 25%," објаснува директорот Мартин Банк кој го наредува воведувањето на скратеното работно време.
Шведскиот интернет стартап Брат, уште од основањето пред 3 години го воведува 6-часовниот работен ден. И тука придобивките се исти како и во сервисот на Тојота, скратеното работно време значи и привлекување на подобар кадар и нивно полесно задржување. Во однос на продуктивност, тие произведуваат "исто, ако не и повеќе" од нивните конкуренти што работат 6 часа.
Во 90-те и почетокот на 2000-те, Швеѓаните прават неколку помасовни експерименти со 6-часовен работен ден, меѓутоа сите тие се прекинуваат по доаѓањето на десницата на власт. Укинувањето е политички одлука, а алибито е дека кратењето на 10 работни часа неделно е премногу скапо.
И експериментот со негувателките најверојатно ќе трае до крајот на 2016-та, бидејќи левицата го изгуби мнозинството во градскиот совет на Гетеборг, а новото мнозинство на Конзервативците и Либералите е против намалените работни часови, и нема да го продолжи финансирањето. Експериментот чини 860 илјади евра годишно, и според еден од Конзервативните советници ова е како "да живееш во свет во кој парите паѓаат од небо."
Од друга страна левичарите кои до сега беа во градскиот совет, признаваат дека 6-часовниот работен ден чини повеќе пари, ама инсистираат дека е во прашање "квалитетот на животот во работниците во јавниот сектор и за жителите во старечките домови."