Истражувањата насочени кон влијанието на технологиите врз добробитта на работниците покажуваат дека вработените не ни мора активно да проверуваат меил после работа за да бидат под истото штетно влијание како оние што се штрекаат на секоја меил нотификација.
Вилијам Бекер од Универзитетот Вирџинија теч појаснува дека дури и индиректните очекувања од работодавецот дека вработениот треба константно да е достапен создава анксиозност.
„Нашето истражување ја открива реалноста дека ’флексибилното ограничување на работата’ често пати се претвора во ’работа без ограничување’, што го компромитира здравјето и добробитта на вработениот и неговото семејство,“ објаснува Бекер.
Свесни за ова уште на почетокот од 2000-те Французите почнуваат да размислуваат за забрана за проверување службени мејлови по работно време, нешто кое го воведуваат во 2017. Сличен закон за дисконектирање имаат и Италијанците. Додека Германците веќе неколку години работат на носење закон на оваа тема, компаниите во земјата од предострожност почнаа да се регулираат сами себе и да не ги смараат вработените вон работно време. Така Фолксваген има направено службените меил сервери да не препраќаат мејлови меѓу 18:15 часот и 07:00 часот, додека Дајмлер ги брише сите мејлови испратени до нивните вработени додека се на одмор.
„Замислата зад идејата на Дајмлер е дека не само што за одмор треба да те остават раат, туку и опуштен да се вратиш од одмор без да ти тежи стресот од преполн инбокс што треба да го одговараш,“ објаснува Рич Хариди во Њу атлас.
Американците допрва ќе треба да воведуваат ваков систем. За сега има предлог на ниво на градот Њујорк, според кој работодавецот на кој било начин не смее да го контактира вработениот после работа. За спроведување на ова во предлогот се предвидени и финансиски казни.
За сега слабата страна на ваквите закони и пракси е глобализацијата и раштрканоста на големите компании на повеќе континенти и низ сите временски зони, што само по себе ја поништува можноста за функционална општа забрана за испраќање мејлови на луѓе на кои дента им завршило работното време.
Она што предлага Бекер е однапред да се нагласи дека работната позиција бара достапност на меил во работни часови.