Кир Стармер решил да ги брани по секоја цена

Во име на нечија заштита, знаеле да се прават големи бељи. Таква е и оваа намера на британскиот премиер Кир Стармер да ги заштити вработените лица да не бидат вмешувани во дискусии на сензитивни теми на нивните работни места, вклучително и од страна на клиентите. А ако се случи тоа, казнет да биде работодавецот. Навидум ок, ама ај да видиме некои ситуации.

Лабуристичката влада во Британија предложи радикални реформи за правата на работниците кои би можеле да вклучат нивна заштита од  „чувствителни“ теми за разговор на работното место, како што се религијата, правата на жените или трансродовите прашања.

Предложеното законодавство ќе ги тера работодавците да спречат работниците да бидат подложени на такви муабети и од трети страни, како што се клиентите. Доколку се утврди дека не го спречиле тоа, би се соочиле со тужба, казна и сл.

Мониторинг комисијата за еднаквост и човекови права (ЕХРЦ) предупреди дека доколку ова стапи на сила, би можело значително да влијае на слободата на изразување, па да се примени и на „наслушнати муабети во паб.“

Пример, шанкер во паб не може а да не го наслушне муабетот на некои двајца гости на шанкот кои дрват за политика. И? Жртва? Додуша, шанкерите се стари жртви на досадни муштерии, ама вака не се регулира тоа. И доколку шанкерот реши да се пожали, неговиот газда ќе биде крив што не го заштитил од глупи муабети.

Законот, меѓу другото, предвидува работникот да биде заштитен од натурање на нечии „филозофски погледи“ на неговото работно место, оти оној газдата на пабот точно знае дефиниција што се подразбира под „филозфски поглед.“

И откако излезе од ЕУ, Велика Британија продолжи  со својата навика да изигрува дадилка на граѓаните и да им го регулира секој аспект на нивниот живот.

И затоа, додека Кина шиба 300 на саат, Маск прави ракети, Европа смисли што? Пластично шише со капаче кое не се вади.  

 

22 јануари 2025 - 12:22