Работната недела во 19-от век трае 6 дена со по 10 до 16 работни часови на ден, и ги опфаќа сите речиси без никакви старосни ограничувања (ниту нагоре, ниту надолу). Во 1810-та Британецот Роберт Овен објавува платформа во која се бара ограничување на работната недела на 10 часа. До 1817, истиот овој Овен таргетот го поставува на 8 работни часови на ден, и ја формулира паролата "8 часа работа, 8 часа култура, 8 часа одмор".
Токму борбата за слободно време е главното политичко прашање на тоа време, и првиот случај на работничко организирање.
Сето ова е инспирирано од промените што ги носи индустриската револуција. Новите машини бараат непрекинато внимание, за нешто да не се расипе (па е скапо да се поправи) или да не се прекине процесот на производство (па е скапо да се надомести). Освен ова, новите машини значат дека не мора да се следи текот што до тогаш е диктиран од природата и годишните сезони.
Како што почнува движењето за 5-дневна работна недела, со по 8 часа на ден, така се повеќе работници, барем во Англија, се шлепаат на религиозни причини за неодење на работа во понеделник, тврдејќи дека дента им е Свети Понеделник (излезе дека Свети Понеделник не постои). Бенџамин Френклин наводно се фали дека бил унапреден додека работел во печатница во Лондон само затоа што во понеделник се појавувал на работа.
Еден од клучните ликови во оформувањето на викендот, е и еден од најголемите противници на синдикатите, Хенри Форд. Неговиот аргумент за воведување на 5-дневна работна недела, е идентичен како и оној што го има за дуплирање на платата од 2,34 на 5 долари на ден. Според него, повеќе време и повеќе пари ќе доведе до тоа работниците да трошат повеќе: "Луѓето кои имаат повеќе слободно време мора да имаат повеќе облека. Мора да јадат поразнолика храна, и имаат потреба за повеќе превоз во возила."
Некаде за време на Големата депресија најголемите американски индустрии почнуваат самоволно да вртат кон 5-дневната работна недела, делумно и затоа што помалку работни часови за едни, ќе значат отворање на работни места за други, што повторно ќе значи повеќе луѓе со пари кои ќе можат да ги трошат (нешто слично презема и Германија по кризата во 2008). Во САД официјално работната недела се смалува со Законот за фер работни стандарди од 1938, со кој се гарантира: 8 работни часа на ден, 5 дена неделно.
Во следните децении викендот станува стандард низ цел свет.
Зборувајќи за генерацијата која се обидува да го победи времето и дали со побрз мобилен, попродуктивна апликација, или инстантни испораки, да му украде колку може минути на денот, Катрина Онстад во книгата Викенд ефект порачува:
"Без разлика дали е мотивирано од бизнис потреба, два слободни денови е правилно и човечки. По стотици години дебати, крвопролевање и догма викендот треба да биде свето право - а сепак не се случи баш тоа. Беше потребен цел век да се добие викендот. Требаа само неколку децении да се поништи сиот тој успех,"