
Поимот „пензионерски дом“ асоцира на вечно запален телевизор и стари луѓе кои, кога не гледаат телевизија, се жалат на младите и своите здравствени проблеми. Но, не сите се такви. Економист пишува за еден од поинаквите, некој дом во Јужна Каролина, во кој редовно се организираат журки со бенд и жива свирка кои завршуваат како што е ред: со пијачки по подот, коктели оставени по тротоари и куп мамурни (стари) луѓе.
Во минатото, револуционерната и неодговорна младина ги загрижуваше политичарите. Деновиве најстарите се тие кои прават проблеми. А ги има, бројот на луѓе над 65 години расте низ богатиот свет. Во Британија тие се повеќе од една петтина од населението. И сакаат да се забавуваат. Оние на возраст над 55 години а под 75 години - грубо кажано, бејби-бумерите и некои од генерацијата Икс се новата проблематична генерација.
Не се само журкања и пијачки, туку и, види богати, секс. Гонорејата меѓу Американците постари од 55 години, од 2010 до сега се има зголемено за шест пати!
„Денес, постарите возрасни лица сè повеќе се склони кон ад-хок средби и секс без кондоми, што е дополнително поттикнато од достапноста на препарати за потенција, заедничкото живеење во пензионерски заедници и зголемената употреба на апликации за спојување на постари“, забележува Џени Стекенрајдер во труд во Лансет.
Во Англија е слично. За четири години, бројот на нови инфекции со сифилис кај млади возрасни во Англија малку паднал, но затоа кај оние на возраст над 65 години пораснал за 31%.
Статистиките ги регистрираат различните ставови кон алкохолот. Во двете децении до 2023 година, процентот на луѓе на возраст од 18 до 34 години во Америка кои пробале алкохол се намалил од 72% на 62%. Кај оние над 55 години употребата на алкохол се зголемила од 49% на 59%.
Во Австралија исто, па и бетер. Оние што пијат без усул сè повеќе се стари а не млади лица. Во Франција исто, вино сè помалку се пие, а најголема група меѓу трезните се младите.
Она што важи за алкохолот важи и за други супстанци кои го збрлавуваат умот. Во Америка, употребата на канабис драстично е зголемена кај постарите групи, во Шпанија, уделот на луѓе на возраст од 55 до 64 години кои шмркнале кокаин претходната година се зголемил за осум пати за 15 години. Во Англија, на музичките фестивали сè повеќе има постари лица.
Меѓу пензионерите растат и разводите. Во 2022 година, повеќе јапонски парови се развеле после најмалку 20 години брак отколку кога било досега, иако стапките се намалија кај помладите групи. Секој четврти Американец на возраст над 60 години живее сам. Тоа не секогаш мора да значи помалку секс. Една студија од Холандија покажа дека процентот на луѓе постари од 75 години кои пријавиле дека се сексуално активни, за помалку од една деценија, скокнал од 16% на 27%.
Е не, ќе чекаат да ги вклучат во утринска емисија.