Сан Франциско, градот во кој дрогата коси повеќе од ковид-19

Минатата година сред пандемија во еден од најголемите градови во Калифорнија и САД повеќе луѓе умреле од предозирање отколку од ковид-19.

2020 Сан Франциско ја завршува со 257 луѓе умрени од ковид-19. За истиот период како последица од  предозирање со дроги, умираат 713 жители. Со овие бројки Сан Франциско има три пати поголема стапка на починати од предозирање отколку соседниот Лос Анџелес или Њујорк.

Во врвот на ХИВ кризата, Сан Франциско има по 33 смртни случаи неделно. Сега се на 16 предозирани неделно.

Скокот на смрт од предозирање во градот оди паралелно со ширењето на фентанил, дрога која е многу помоќна од хероин и крајно успешно се шири меѓу бездомната популација во Сан Франциско.

Во година во која доминира пандемијата, на тамошните власти им се префрла дека се преокупирале со борбата со ковид-19, заради што се запоставуваат смртните случаи од користење дроги.

Тоа што зачудува во случајот со Сан Франциско е што градот има добро финансиран и софистициран систем за јавно здравје, кој покрива доста голем број од потребите на корисниците на дрога. Заради тоа стравот е дека кризата со предозирање ќе ја доведе под знак прашање толеранцијата што градот ја има кон користењето нелегални дроги и адекватноста на нивните програми за помагање на зависниците пример со чисти игли или лекарства.

Проблемот со фентанилот е само надополнет со бездомничката криза во градот, и стравот е дека ваквата комбинација само ќе го зголеми бројот на жртви заради „нерешливата природа на двата проблема“. Предозирањата со фентанил може да се случат и по само неколку минути од земањето.

„Кај хероинот вообичаено имаш еден до два часа меѓу последното користење и моментот кога ќе престанеш да дишеш - што е прилично голем прозорец за некој да те најде и да ти помогне некако.

Кај фентанилот имаш меѓу 5 и 15 минути,“ објаснува професорот од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, Питер Дејвидсон.

Една иницијатива финансирана од градот во 2020 има поделено над 50.000 дози налоксон, кој помага во случаи на предозирање, „меѓутоа функционира само ако има некој до тебе“. По нивни бројки, лекот помогнал во спречување на околу 4.300 смртни случаи.

Во 2020 само полициската станица во една населба на градот, запленува речиси 5,5 килограми фентанил кој, теоретски, е доволен за да убие 2,7 милиони луѓе.

19 мај 2021 - 12:21