Починатиот Робин Вилијамс еднаш го нарече кокаинот „Начин на кој Господ ти кажува дека заработуваш премногу пари.“ Дрогата на богатите сега е поевтина и нејзината употреба е во подем. Минатата недела министерството за внатрешни работи откри дека употребата на кокаин меѓу младите е на највисоко ниво во изминатата деценија. Речиси 9% од лицата на возраст од 16 до 24 години во изминатите 12 месеци имаат користено дроги од класа А. Британија ја има највисоката стапка на користење кокаин меѓу младите во Европа, и таа е речиси два пати поголема од стапката во останатите држави на континентот.
Млади што се дрогираат може не е причина да се извадите од памет. Она што е изненадувачки е дека овој тренд доаѓа од возрасна група постојано фалена за нејзината општествена свесност. Миленијалците и нивните наследници, своите постигнувања ги носат како ордени. Тие сакаат нивното кафе да биде од фер трговија, нивните крзна да бидат лажни, а пилешкото месо да биде одгледувано вон кафези. Тие се гордеат што се одговорни потрошувачи - а сепак најголемиот дел од нив со задоволство помагаат да се одржи една од најбруталните трговии на планетата.
Овие нашмркани лицемери се бунат против „елитите“ и најбогатиот 1%, а сепак нивната навика ги полни џебовите на нарко-босовите кои не се стегаат на Инстаграм #narcostyle да ги промовираат своите позлатени пиштоли и миленици тигри.
Тие сакаат да ја спасат Земјата и негодуваат за користењето на пластични цевки во нивните пијалаци, а сепак за секој грам кокаин што го ставаат во нос се уништуваат 4 метри квадратни дождовна шума.
Тие сакаат да рушат статуи на одамна мртви луѓе кои биле дел од трговијата со робови, а сепак нивната викенд линија за разонода, храни трговија која е тесно поврзана со модерното робовладетелство.
Не се само младите со етички мртов агол кога е во прашање белото. На почетокот од годинава секретарот за правда, Дејвид Гук, ги прозва „луѓето од средна класа кои користат кокаин за време на вечерите“. Според него „кога ќе видат сторија за 15-годишно момче прободено во Хакни, тие треба да чувствуваат одредена вина и одговорност.“ Неговите коментари беа речиси повторени викендов од градоначалникот на Лондон, Садик Кан, кој изјави дека оние што користат кокаин на „забавите на средната класа“ придонесуваат за насилството меѓу нарко-бандите во главниот град.
Секој уживател на дрогата, секоја нивна мала бела линија придонесува за побарувачка што ја одржува понудата која уништува животи. Минатиот месец протечен документ од министерството за внатрешни работи го поврза растот на криминал во Лондон со преобилната жетва на кока во Колумбија. Огромни количества од дрогата минуваат низ главниот град по пат оставајќи трага на насилство и убиства. Само годинава над 50 луѓе се фатално прободени во инциденти поврзани со дрога. Вон обиколницата на Лондон, бандите корист метод на дистрибуција познат како „околиски линии“, во кои гратчињата и селата се преплавени со кокаин од база во градот. Според Националната агенција за криминал, овие банди регрутираат илјадници деца, некои и по 12 години, за пренесување на дрогата. Тие, секако, бираат деца од маргините на општеството: оние кои имаат проблеми и кои можат да бидат контролирани со дрога (или закана од насилство).
Сето ова е само капка во океанот на глобално страдање. Инките некогаш верувале дека кока растението е дар од бога; сега низ цели региони на Централна и Јужна Америка сигурно го сметаат за проклетство од пеколот. Мексико, епицентарот на трговијата со кокаин, е завиено во насилство. Во 2006 неговата влада ја започна „војната против дрогата“, која имаше непожелен ефект да ги подели големите картели во помали фракции, и така да создаде линии на поделба по кои може да се пролева крвта. Во изминатите 12 години се проценува дека 150.000 луѓе се убиени: прободени, застрелани, обесени, обезглавени или живи запалени.
Овие картели се натпреваруваат кој ќе биде посуров. Еден од нив, Лос Зетас, има налик ИСИС склоност за преземање средновековни мерки со модерна технологија: обезглавувања аплоудирани на Јутјуб. Мртвите тела на непријателите се сакатени за да послужат како предупредување за другите. Според Роберто Савиано, автор на „Зеро Зеро Зеро“, кој детално ја евидентира штетата направена од глобалната трговија со кокаин „понекогаш генеталиите на нивните жртви се отсечени и им се ставени во уста. Во друг случај лицето на еден човек е отсечено и е зашиено на фудбалска топка“.
Јавни функционери и новинари рутински се убивани во битките за терен. Пред минатомесечните избори во Мексико, беа убиени 132 политичари. Минатиот декември, новинар беше застрелан за време на изборот за убавина во училиштето на неговото дете, пред просторија полна со деца. Политичарите од тој дел на светот молат за повеќе одговорност од корисниците на Западот. Како што поранешниот претседател на Колумбија изјави пред една деценија: „Постои чувство на фрустрација, затоа што (во Британија) користењето дрога се смета за персонален избор... до некаде кокаинот се смета за шампањот на дрогите, од кој нема никакво влијание и е криминал без жртви. А не е без жртви.“
Некои корисници се амнестираат себе си објаснувајќи дека ако тие се прашуваат, трговијата комплетно би била декриминализирана и легализирана, и со тоа ќе заврши и насилството (тие така веруваат). Оваа формула е следната: „Синџирот за набавка е брутален затоа што е нелегален. Не се согласувам со нелегалноста и затоа не сносам никаква одговорност за бруталноста.“ Тие попрво би купиле половина грам „со фискална“ каде целата размена би била регулирана и оданочена, и вината паѓа на владата што не им го дозволува тоа.
Меѓутоа моралот важи за светот каков што е, а не каков што сакаме да биде. Ако џин е забранет пијалак, и ако деца се присилувани да служат како шверцери на суровини и има џин војни кои чинат илјадници животи на улиците во други држави, сигурна сум дека ќе ми го расипе меракот на вечерниот џин и тоник.
Секако, постои можност дека некои од оние кои се дрогираат не го сфаќаат обемот на мизеријата што ја предизвикува трговијата со кокаин. Токму затоа би била корисна кампања за свесност, која ќе ја истакне трагата на крвавото страдање од кока листот до ноздрвата. Во 1980-те, кампањите против природни крзна користеа шокантни, слики преплавени со крв за да покажат дека моралната вина за страдањето на животните не лежи само кај човекот што го дере визонот туку и кај оној што го носи. Овие кампањи го направија носењето крзно помалку општествено прифатливо - и истото треба да биде направено за повременото користење кокаин (внимание на „повременото“; бидејќи сериозните зависници секако нема да бидат тангирани од кампањата).
Ако „општествено одговорната“ публика го знае целосниот обем на ужасот што го предизвикува, и продолжи да купува половина грам за нивната викенд забава, лицемерието ќе биде неспорно. За некои луѓе принципите се прекрасна работа - се додека не им попречат на нивните лични задоволства.