По анкетирање на 10.000 возрасни Американци во април, Пју ги распоредува во подгрупи базирани на вредности, кои често пати ги преминуваат партиските линии.
Кај републиканските гласачи се забележани длабоки внатрешни пукнатини и во контекст на содржината на политичката порака – на пример дали абортусот треба да биде легален, и на стилот на кампањата. Демократите се подеднакво поделени во ставовите за трансродовите прашања, криминалот и економијата.
Ова е обид да се сортира јавноста надвор од демократските и републиканските линии на кои сме навикнати. Што ако нема политички партии и ако ги идентификуваме групите врз основа на нивните политички вредности? објаснува Џослин Кајли од Пју.
Кај политичката десница се дефинирани четири групи со приближно еднаква големина. Со по 12% доминираат конзервативците од подгрупата „Верата на прво место“ и од „Неконвенционална десница“. Најекстремните, опишани како „Нема извини“ сочинуваат 9% од републиканскиот електорат, а најумерени се 11% од групата „Прагматични и учтиви“.

Мнозинството во категориите „Верата на прво место“ и „Нема извини“ инсистираат американската култура да се базира на христијански верувања. Тие отворено се залагаат луѓето отворено да носат оружје во јавност и се против легален абортус. „Нема извини“ е единствената група во спектарот во која мнозинството (53%) ги поддржуваат политичарите да ги понижуваат своите противници“. Од нив 90% ги поддржуваат политиките на претседателот Трамп.
„Прагматичните и учтивите“ имаат конзервативни ставови за економијата и улогата на владата, но се полиберални за расата и меѓународните прашања. На пример, повеќето сметаат дека наследството од ропството продолжува да се одразува врз состојбата на Црнците. Трамп може да се надева на 81% од гласовите на оваа група.
„Неконвенционалната десница“ е помлада и помалку политички ангажирана група, која генерално се залага за помала улога на владата, поделени се дали абортусот треба да биде легален и дали имигрантите без документи треба да бидат депортирани. Оваа категорија гласачи е значајна бидејќи се сврте против претседателот Доналд Трамп откако се врати на функцијата. Нивната поддршка за Трамп се намали од 78% во февруари 2025 година на само 53% во април годинава.

Пју ги распределува и левичарите во четири посебни групи, но со поголеми разлики во бројноста. Доминира „Опортунистичката левица“ со 18% од гласачите, пред „Заборавените левичари“ (12%), „Лојалните либерали“ (11%) и „Прогресивците“ (7%). Сите ѝ се наклонети на Демократската партија, но со различни ставови за социјалните и економските вредности.
„Прогресивците“ се претежно млади Американци, кои во 2024 година гласале за Камала Харис, но денес едвај 60% имаат поволен став за Демократската партија. Огромно мнозинство од 92% во оваа група го бранат правото на луѓето да користат неутрални заменки „тие/нив“.
„Лојалните либерали“ имаат прогресивни политички вредности за некои теми и 69% поддржуваат заменки „тие/нив“, но ѝ останале лојални на Демократската партија.

Социјално умерената „Опортунистичка левица“ може да биде една од политички најзначајните групи. Во 2024 година ја фаворизирале Харис во однос на Трамп во однос од 3 спрема 1, но бараат поголем ред и имаат поголема доверба во војската и полицијата во споредба со другите левичари. Повеќето луѓе од оваа група мислат дека големите корпорации остваруваат премногу профит, но имаат поголема доверба во бизнисмените во споредба со другите демократи.
„Заборавените левичари“ се најсилно изложени на финансиски стрес, не ја следат политиката внимателно и се скептични дека земјата може да ги реши своите проблеми. Како што говори и името на групата, тие се чувствуваат политички игнорирани.
Пју забележува дека најлибералните и најконзервативните групи излегуваат со највисоки стапки на изборите, поради што имаат огромно влијание на резултатите при слаб одѕив. Но, гласачите со поумерени ставови или мешани мислења може да го решат победникот, ако бидат доволно мотивирани да гласаат.