Целата пратка е откриена кога возачот на комбето товарено со дрога на својата рута минува пред полициска станица во Сиднеј, што не е пресудно лошо само во случај да не се удриш во една од паркираните полициски коли. Е па, овој се удира.
28-годишниот возач бега сосе комбето од местото на судирот, но е фатен од полицијата еден час подоцна. При проверката на комбето во него се откриени 273 килограми метамфетамин спакуван во кутии за селење.
Во станица возачот е обвинет за шверц на големо количество дрога, невнимателно возење и одбивање соработка со полицијата (не им дал лични податоци).
Сега тој ќе има време во притвор да размисли за своите животни и превозни одлуки, откако не му беше дозволено да излезе со кауција. Полицијата до сега нема објавено никакво објаснување од возачот, како се случила сообраќајката и како не ја видел паркираната полициска кола.