Секоја година, возраста за пушење ќе се зголемува за една година, со тоа што никој роден после 2008 година никогаш нема законски да може да купува цигари.
Така, неколку децении од сега, ќе може да се види како еден 45-годишник, пред трафика, моли 46-годишник да му купи кутија Ротманс.
Ова е насоката во која се движи не само Англија, туку и светот. Факелот го држи Нов Зеланд кој, освен подигнување на возрасната граница, почна да ја намалува количината никотин во цигарите. Тешко може да биде поглупаво од тоа: речиси безопасниот никотин ќе се намалува а она што всушност убива, катранот, останува.
„Кој ќе помислеше дека прохибицијата ќе направи ваков камбек, 100 години откако Американците со нивната прохибиција докажаа каква глупост е то?, се чуди Том Слејтер од Спајкд, потсетувајќи на зборовите на Кристофер Сноудон: „Во контролата на тутунот не се работи за тутунот. Се работи за контролата.“
Тој во ова гледа победа на нелибералниот либерализам и отфрлање на еден Џон Стјуарт Мил. Новите политичари мислат дека младите се доволно зрели да бираат кој од нив ќе седне во фотеља но не и да одлучуваат што ќе внесуваат во своето тело. Победата е тривијална и затоа што само 13 проценти од англиското општество се пушачи.
Има тука и снобизам, вели Слејтер, кој е дел од општото гадење на средната класа кон оние што пушат - главно сиромашни работници кои имаат толку гадни навики што едноставно не може да им се дозволи да си ги истераат на раат.
„Со ова се заокружува и нешто многу поважно. Се става крај на Англија на толеранцијата, Англија на „живеј и остај нека живеат“ кога прифативме дека луѓето се слободни да одат по својот пат, а тоа некогаш значи и дека може да го претпочитаат задоволството пред долговечноста“.