Чистотата на кокаинот расте во изминатите десетина години и покрај тоа што цената му останува релативно стабилна, без да поскапи на сметка на квалитетот.
Исход од ваквата ситуација на терен е и рекорден број на луѓе кои прв пат се примени на терапија поврзана со последици од користење кокаин.
Во исто време кокаинот ја држи титулата „најчесто употребуван недозволен стимуланс во ЕУ“. Според извештајот на Европскиот центар за мониторирање на дроги и зависност од дроги (EMCDDA), 17 милиони жители на ЕУ на возраст од 15 до 64 години, или 5,1% од оваа група, имаат пробано кокаин. Додека 2,3 милиони лица на возраст од 15 до 34 години (1,9%) изјавиле дека минатата година користеле кокаин.
Во поединечна конкуренција, најголема употреба на кокаин кај луѓето на возраст меѓу 15 и 34 години има во Велика Британија, каде 4% од оваа група изјавиле дека минатата година пробале бело. На второ се Холанѓаните со 3,7%, а на трето Шпанците со 3%.
Ваквата состојба на пазарот во ЕУ е резултат на се понапорната работа и пообемна жетва на јужноамериканските земјоделци, и унапредени методи на транспорт и шпедиција на стоката.
Загриженоста на директорот на EMCDDA повеќе е во насока на наоѓање на „ефективна превенција и третман за корисниците на кокаин.“
Објаснувањето на луѓето од добротворната организација за информирање за дроги, Рилис, за квалитетот на кокаинот е:
„Зголеменото производство на кокаин во Латинска Америка, како и се посериозната борба против состојките за ’разредување’ на кокаинот од страна на голем број европски држави, ги натераа снабдувачите да почнат да ги отстрануваат состојките за ретчење од целиот процес на продажба на кокаин.
Ова е една од причините зад зголемениот број луѓе кои се на лекување заради користење кокаин, и претставува ненамерна последица на работата на полицијата.“
Се претпоставува дека 92 милиони жители на ЕУ на возраст од 15 до 64 години имаат пробано дрога во својот живот.