Од денешната млада и кревка генерација која знае беспоговорно да слуша авторитети, особено во врска со здравјето, најмалку се очекуваше да се фати за цигара. Нема место за паника, бидејќи оние кои пушеле многу повеќе од нив, создале патишта, железници, книги и филмови кои уште се користат и во кои уште се ужива. Дали пушењето можеби е првиот знак на независност на „снегулките“ од естаблишментот?
Кир Стармер процени дека зачудувачки нелиберална „генерациска забрана за пушење“ (на родени пред 2009 година доживотно им се забранува да купат цигари) која ја наследи од ториевците не оди даоволно далеку, па во ревидираниот закон ги сече и актуелните пушачи, забранувајќи им да пушат во бавчите на пабовите, терасите на рестораните, пред ноќните клубови, околу фудбалските стадиони...
Владата упорно се преправа дека станува збор за спасување на луѓе од пасивното пушење иако на отворено, нечија туѓа цигара е опасна за тебе само ако си сместен во буре полно бензин.
„Размислуваме за низа мерки со кои Британија конечно ќе ја направиме земја без чад“, изјави портпаролот на министерството за здравство.
Ториевците ветуваа дека со генерациската забрана, актуелните пушачи можат да продолжат по старо бидејќи намерата е да се штитат помладите генерации. Но, тоа не е доволно добро за лабуристите па според новото видување на „генерациската забрана“, старосната граница за пушење секоја година ќе се зголемува за една година додека цигарите не згаснат засекогаш.
Настрана тоа што никој не фатил рак на бели дробови затоа што седел во бавча во која некој пуши, постои и еден брутален факт дека непушачите всушност многу повеќе ја коштаат државата во здравствени и социјални услуги затоа што оние другине, пушачите, јеби га, умираат помлади.
Што се однесува до економијата, сосема извесна последица на оваа политика ќе биде затворање на уште илјадници пабови – сектор кој беше десеткуван со забраната за пушење во затворени простории во 2007 година, а подоцна дополнително клекнат на колена со карантините.
„Најбезрадосните и најснобовските луѓе во општеството им ги наметнуваат своите вредности на останатите. Станува збор за луѓе кои ја ценат долговечноста пред сè друго, презирајќи ги оние од нас кои претпочитаат добро да се забавуваат. Станува збор за империјална владејачка класа која решава дека вкусовите на работничките класи се толку страшни што не може да им се дозволи да бидат раат. Револтот на пушачите одамна е задоцнет“, пишува Том Слејтер.