Дрогирањето се актуелизираше за време на пандемијата, што негативно влијаеше на работните навики и друштвениот живот. А, кокаинот е омилен кај професионалците (кои навечер се обично клабери) во Њујорк уште од 80-тите. Додавањето фентанил го има зголемено тројно бројот на смртни исходи. Од 980 мртви од кокаин во 2020-та, за 81% е утврдено дека страдале баш од фентанилско труење. Бројот на починати од секаква дрога во 2021-ва изнесува 107.521, што е скок од 51% во однос на 2019-та. Три четвртини од вкупниот број на „овери“ вклучувал фентанил, соопшти ЦДЦ.
Фентанилот е моќен легален опијат што се препишува на болни од рак или луѓе кои имаат силни болки. Нарко-мафијата го сака затоа што ем лесно се меша (и со хероин, и со оксикодин, и со Адерал... ) ем е ефтин, а во кокаинот го додаваат затоа што го прави појак и создава поголема зависност.
За новајлиите и мала доза фентонил може да е фатална.
Властите во Њујорк предупредуваат на ризиците од несвесното земање на фентанил и на неговото зголемено присуство во кокаинот што бидува запленет. Здравствените работници лепат постери и праќаат подметачи по клубовите со цел да им укажат на корисниците дека е подобро да почнат со мала доза, и да имаат при рака налоксан (лек за поништување на опијатот) како би можеле правовремено да реагираат во случај да се прејдат со дозата. Делат и ленти со кои лесно може да се утврди дали во кокаинот (или било која друга опојка) има фентанил.
Службениците задолжени за спроведување на законот велат дека нарко-дилерите често користат мелник за кафе или друга проста опрема за „сечење“ на дрогата, што исто може да доведе до несакани последици.