„Ситуацијата станува застрашувачка. Нивото на објавување на измамнички документи почна да создава сериозни проблеми за науката.
Во голем број области станува тешко да се изгради кумулативен пристап кон еден предмет бидејќи му недостасува цврста основа на заклучоци во кои може да се верува. И станува се полошо и полошо,“ изјавува професорката Дороти Бишоп од Оксфорд.
Најголем дел од овие студии доаѓаат од Кина, каде младите доктори и научници мора да објават научен труд за да добијат унапредување. Тоа пак доведе до создавање на „фабрики за студии“ кои цело време ги преплавуваат тамошните журнали со нови содржини.
Истата пракса се шири и во Индија, Иран, Русија, екс-СССР и Источна Европа, каде фабриките за студии испорачуваат содржини на се повеќе и повеќе журнали кои им се неопходни на младите научници за напредување.
Во одредени случаи уредниците на журнали добиваат поткуп за да прифатат студии, додека фабриките за студии успеваат да најдат и свои агенти како гости уредници на журналите кои потоа дозволуваат да се објават бројни фалсификувани студии.
„Уредниците не ги вршат правилно своите улоги, рецензентите не си ја вршат работата, а некои се платени и тешки пари,“ изјавила професор Алисон Авенел од Универзитетот во Абердин.
Проблем е и што овие упадливо фалсификувани и лажни студии, затоа што се објавени во научни журнали успеваат да се протнат и во големи бази на податоци кои на пример ги користат луѓе што работат на откривање лекови.
Има и пример кога се објавуваат студии кои немаат допирна точка со полето на журналот, како што беше една студија за марксизам, која се појави во Журналот за пресметковни и математички методи во медицината.
Една студија на журналот Нејчр откри дека во 2013 имало над 1.000 повлечени студии, во 2022, ова било 4.000, за 2023 да биде завршена со 10.000 повлечени студии.
Од овие 10.000, над 8.000 се објавени во журналите во сопственост на Хиндави, поддружница на Вајли, која има над 200 журнали и која наскоро ќе биде згасната а сите журнали ќе бидат префрлени директно под Вајли.
Од друга страна проблемот е што во голем број држави академиците се платени според бројот на студии што ги имаат објавено.
„Ако имаш се поголем број на истражувачи кои се сериозно субвенционирани само да објавуваат, додека во исто време имаш се поголем број журнали кои заработуваат од објавување на овие студии, тогаш имаме совршена бура. Тоа е тоа што го имаме сега,“ објаснува професор Маркус Мунафо од Универзитетот во Бристол.
Од Гардијан како пример го наведуваат ивермектин, кој на првичните студии се покажа дека може да се користи како терапија за ковид-19, за подоцнежните студии да го негираат тоа, и да докажат дека дел од првичните докази се лажни.
„Ако јас како научник сакам да ги проверам сите студии за одреден лек на пример за рак или мозочен удар, за мене ќе биде многу тешко да ги избегнам лажните студии.
Научното знаење е загадено од измислени материјали. Се соочуваме со криза,“ порачува професорот Малком Маклеод од Универзитетот во Единбург.