Пишуваат: Џеј Батачарја, професор по здравствени политики на Стенфорд и Брајс Никелс, професор по генетика на Универзитетот Рутгерс.
Ковид ерата беше тешка за научниците чии идеи се противеа на моќните научни и владини бирократии. Дури и за универзитетските научници со претходно беспрекорна репутација, цената да се дигне глас беше оцрнување на социјалните медиуми, стандардните медиуми и, за жал, дури и од научните списанија и нашите колеги научници. Чудно е што некои научници воопшто се осмелија да проговорат, но победи нивната посветеност на вистината.
Во неодамнешното писмо до Претставничкиот дом, ЦЕО-то на Фејсбук, Марк Закерберг, напиша дека администрацијата на Бајден-Харис „постојано вршела притисок“ врз неговата империја да цензурира говор што не им се бендисува. Неговата компанија честопати ги прифаќала тие барања. Закерберг сега признава дека тоа не било во ред. По наредба на властите, неговиот Фејсбук цензурираше дури и вистини за опасностите од лабораториско играње со вируси, затворањето на училиштата и нус-појавите од вакцините.
Научниците не сакаат информациите што ги споделуваат на социјалните мрежи да бидат означени како „дезинформации“ или да им бидат суспендирани сметките, што често го правеа недоволно квалификуваните цензори на Закерберг. Ваквите етикети претставуваат директно валкање на угледот на научниците што е битна валута во царството во науката; како последица на овој режим на цензура, многу научници решаваа да молчат или да вртат глава на страна, не сакајќи да ризикуваат да им биде залепена етикета.
Во меѓувреме, научниците кои се одважуваа да учествуваат во научни дебати за јавното здравје се соочуваа со клеветнички напади, не само од компаниите на социјалните мрежи, туку и од агресивни научници кои, наместо да се впуштат во дебатата, продуцираа обвинувања за расизам, сексизам, антисемитизам, лажни наводи за конфликти на интереси. Јавноста, која би имала корист од трезвен, разумен дискурс, наместо тоа, е доминирана од гневни научни насилници кои ги заплашуваат и замолчуват нивните мети.
И двајцата тоа го искусивме на своја кожа.
Еден од авторите на ова писмо, Џеј Батачарја, е коавтор на Декларацијата на Големиот Барингтон во октомври 2020 година, која повика на фокусирана заштита на ранливите стари лица, отворање на училиштата и укинување на карантините. Како одговор, престижниот Британски медицински журнал објави текст во кој лажно се наведува дека Декларацијата поддршка од страшните браќа Кох. Во левоориентираниот академски свет, таквото обвинување е како срамен жиг и многу научници се плашеа од поврзување со декларацијата, иако се согласуваа со нејзините идеи.
Засрамениот Журнал мораше да издаде корекција на статијата бидејќи не постоеше финансирање од Кох, но, клеветничката штета веќе беше направена а многу научници молчеа бидејќи не сакаа да бидат валкани на сличен начин.
Научниците треба да можат да не се согласуваат за политиките за јавно здравје без да бидат означени како чудовишта. Јавноста го гледаше овој спор и ја изгуби довербата во науката, медицината и јавното здравство.
Општеството ги губи придобивките од науката кога научниот дискурс е киднапиран од догмата, кога нема спротивставени гледишта заради страв од последиците по кариерата, и кога преиспитувањето на доминантните наративи доведува до повици за линч.
Науката вирее на скептицизам, кога се предизвикува постоечкиот статус кво. Кога потрагата по научна вистина е жртвувана на олтарот на идеолошката усогласеност, науката престанува да биде светилник на просветлувањето и наместо тоа станува алатка за угнетување.
* извор