„In Silico“ е насловот на документарниот филм на Ноа Хатон кој е сниман долги години а централна тема му е Human Brain Project (HBP), еден од двата најскапи научни проекти на Европската унија кои чинат барем една милијарда долари (за другиот проект, види „Материјал кој ветува“).
Проектот кој се воспеваше како квантен скок во нашето разбирање како функционира мозокот, на крајот заврши со стотици фрустрирани невро научници во цела Европа. Магазинот Нејчр вели дека дури и од документарецот не е баш најјасно како тоа заврши толку скапо а толку неславно.
Иницијатор на HBP e Хенри Макрам кој тврдеше дека со помош на супер-компјутери како оној кој во 1997 година го победи рускиот велемајстор Гари Каспаров, во период од десет години ќе може да се симулира целата мозочна мрежа. А се работи за десетици милиони индивидуални неврони.
Трезвените научници уште на почеток предупредуваа на фалинки во појдовната идеја. Велеа дека е прерано да се најавува такво нешто од проста причина што сè уште малку се знае за улогата и функциите на одделни неврони.
„Расипан часовник можеш да поправиш ставајќи познати делови на вистинските места. Но, ако за деловите кои ги ставаш ти е непознато како функционираат, тоа чудо на крај нема да ти покажува точно време“ вели неврологот Закари Маинен од Лисабон.
Сепак, Макрам беше упорен и издејствува една милијарда евра од Европската комисија за десетгодишниот проект за симулација на мозокот за кој ветуваше дека ќе може да ги замени експериментите со животни. Ваквите претерувања особено ја иритираа научната заедница што заврши со отворено писмо до Европската комисија потпишано од 800 научници од целиот свет (ние кога пишувавме за темава беа нешто помалку).
Во писмото тие укажаа дека на овој начин се бирократизира науката и дека се апсурдни проекти кои доаѓаат од политички а не од научни центри. Суштината на нивните забелешки беше во тоа дека, ниту според утврдените цели, ниту според структурата, овој скап проект може да даде битни резултати.
Хенри Макрам останува упорен тврдејќи дека отпорот доаѓа од оние кои не се навикнати на неконвенционални начини на мислење.
„Постојат двајца Хенрија. Едниот е брилијантен и трезвен научен мозок ама другиот е месија со ПР фетиш,“ вели за него еден колега од Вашингтон.
Во 2016 Макрам е тргнат од раководење на проектот кој продолжува колку да се потрошат парите, но резултатите од тоа, освен документарецот, се речиси никакви.
„In Silico e фасцинантен прозорец кон проблематичните грандиозни истражувачки проекти и грандиозните персоналитети кои ги генерираат“, вели Алисон Абот кој смета дека клучниот проблем не се парите туку тенката линија меѓу грандиозноста и грандоманијата.