Улогата на Мадона во хитот кој нема врска со неа

Правиш песна, имаш среќа таа да ти се погоди и да стане вирален хит од кој после доживотно земаш тон пари. Фина е таа приказна, но ние имаме приказна за следниот пат кога ќе зборувате како Мадона веќе не е во игра и како ја прегазило времето.

Освен ако не живеете во пештера или сте под комплетна аудио опсада на Звезде Пинка, Гранда и остала банда, мали се шансите некаде и некогаш да не ве закачила песната на 17 годишниот  Силентó, Watch me. А најверојатно ве закачила повеќе пати при што нејзините лоботомизирачки, дервишко репетитивни шрапнели "Whip/Nae Nae" неосетно ви се забиле под кожа.

Не?

Аха, не:

Песната е една од најголемите хитови на 2015-та а видеото од неа е во првите 10 најгледани видеа на Јутјуб (во моментов преку 690 милиони). Ќе речете, ок, тој Силентó направил песна, му се погодила, песната се фатила наоколу и тоа е тоа.

Така се фаќало.

Постои една компанија која се вика DanceOn и која е создадена за да прави вирални денс хитови. Во основа, луѓето има праќаат видео со некое штосно играње а тие за фин процент помагаат тоа да се фати, тоест да стане вирален хит.

Во случајот со Силенто, 50 луѓе од организацијата на DanceOn направиле 50 видео снимки со себе како го играат тоа истото на Силентó. Тие 50 видеа успеваат да генерираат неверојатни 250 милиони јутјуб прегледи, своевиден вирален капитал со кој му набацуваат зицер на Силентó и ете го сега него, пред потпишување договор со Капитол Рекордс.

А еден од основачите на DanceOn е Мадона. Во следниот муабет во кој ќе се закачите за Мадона и за тоа како некогашната поп кралица денес е надвор од бизнисот, прегазена од помладите и подрски Лејди Гага или Мајли Сајрус, и како остарената ѕвезда веќе не го разбира штосот, можете да бидете прекинати од некое хитче кое вам ви го разигрува телото, а на Мадона кешот.

4 февруари 2016 - 09:39