Бојан Миовски е прогласен за играч на сезоната во Абердин

Само четири дена откако го сместија во тимот на сезоната, пристигна ново признание за македонскиот центарфор кој ја игра сезоната на кариерата во Шкотска.

Абердин ги прогласи најдобрите за оваа сезона, а наградата за играч број 1 отиде во рацете на Бојан Миовски.

Тој практично доби две награди за најдобар играч на сезоната. Првата по пат на гласање од страна на соиграчите, а за втората го изгласаа навивачите.

И тоа е сосема заслужено, бидејќи се работи за главниот адут на тимот кој оваа сезона има фантастични 24 гола и 4 асистенции на сите натпреварувања.

Од нив 14 се во шкотската Премиер лига каде котира како трет стрелец зад Лоренц Шекленд од Хартс со 21 и Џејмс Таверние од Ренџерс со 17.

„Преплавен сум од емоции од вчера и искрено во овој момент не би можел да бидам поблагодарен. Благодарност до сите мои поддржувачи кои гласаа за мене, ми покажавте колку многу ви значи тоа што го правам кога сум на теренот. Овие две награди ми докажаа дека сè што сум направил од срце за овој тим е ценето и ќе продолжам да правам сè“, напиша Миовски.

Инаку и машките и женските награди беа доделени на свечена церемонија со повеќе од 1.000 присутни и како што информираат од Абердин ова е најголемата банкет вечера што некогаш била одржана на тоа место.

Големо признание за Бојан Миовски: во тимот на сезоната во Шкотска

26 април 2024 - 11:32