Аргументот на Даниел Ек е дека сервисот е направен како противтежа на пиратеријата (да ги поврзе фановите со музичарите), и по таа основа одлично му оди на сервисот, "Знаете зошто? Две бројки: нула и две милијарди. Пиратеријата не им исплаќа ни пени на музичарите - ништо, нула. Спотифај до сега има исплатено повеќе од две милијарди долари" на музичари. Една милијарда од 2008-ма до лани и една милијарда од лани до денес.
Тој потоа се посветува на разнебитување на три митови околу функционирањето на Спотифај.
Мит број 1: бесплатната музика за фановите значи дека музичарите не добиваат пари
Разликата меѓу нивната и останатата бесплатна музика е што на Спотифај таа е поддржана од реклами и плус плаќаат за секое пуштање. Во времето пред Спотифај има два економски модели: или целосно бесплатни или целосно со пари. Првите не успеаа бидејќи беа на граница со пиратерија, немаа потребни лиценци и ништо не им плаќаа на уметниците. Вторите не успеаа (и покрај вложените стотици милиони) бидејќи корисниците требаа да платат многу за нешто што го добиваа бесплатно.
Спотифај се решава на комбинација од двете работи, затоа што "ужасно е тешко да продаваш претплата за музика кога главната конкуренција ти доаѓа од тони бесплатна музика која е секаде достапна."
"Нашата теорија е едноставна, понуди одлично бесплатно ниво, поддржано од рекламирање, како стартна точка за привлекување фанови. И за разлика од останатите опции за бесплатна музика - од пиратерија до ЈуТјуб и СаундКлауд - ние им исплаќаме на музичарите и сопствениците на правата секој пат кога нивната песна ќе се пушти на нашиот бесплатен сервис."
Мит број 2: Спотифај плаќа, ама плаќа толку малку по пуштање што никој не може да заработи од тоа
Ек прво сака да објасни дека "едно пуштање или слушање е: еден човек, што еднаш пушта една песна." Ако ова го имаш предвид, Ек дообјаснува дека тоа што некоја песна е преслушана 500.000 пати на Спотифај, е исто како таа "еднаш да била пуштена на радио станица во САД со умерено бројна публика од 500.000 луѓе. За ова музичарот би бил исплатен точно - ниту пара." За разлика од ова, за 500.000 пуштања на една песна, музичарот би добил од Спотифај меѓу 3 и 4 илјади долари. "Спотифај еквивалентот на десет пуштања на радио станица - еднаш дневно, една и пол седмица - би вредел меѓу 30 и 40 илјади долари."
Според негови пресметки, конкретно каталогот на Тејлор Свифт би заработил околу 6 милиони долари годишно.
Мит број 3: Спотифај е штетен за продажбата, и електронска и физичка
Главниот аргумент на ЦЕО-то е дека ова е сосема лоша и погрешна корелација, "симнувањата на песни (за пари) опаѓаат подеднакво брзо и на пазарите на кои Спотифај не постои. Одличен пример за ова е Канада која има доста зрел музички пазар многу сличен со САД. Во првата половина од 2014-та, падот на бројот на симнувања во Канада - без Спотифај - е опаднат како и насекаде. Ако Спотифај ги канибализира симнувањата, тогаш кој канибализира во Канада?"