Мракот и убавината на споредните улици

Пет децении од ремек-делото на Лу Рид, Трансформер, албум што е поактуелен од кога било. Остана запишан како еден од најзначајните придонеси на рокенролот кон општата култура, затоа што за првпат некој проговори за драмата на сексуалниот идентитет низ поезија.  

Ноември 1972-ра во Њујорк беше месец кога се појави албумот Трансформер на Лу Рид. За Лу тој проект значеше да се биде или не. Велвет андерграунд беа минато уште од 1970-та, а тој, како поранешен фронтмен, сè уште се бореше да го најде својот пат низ соло кариера. 

Како што знаеме, Велвет андерграунд во шеесетите беа рок поети од дното на градот и сите негови прљавштини, за какви претходно немавме чуено. Малку што остана да се каже после нивните трактати за њујоршките зависници, бездомници и сексуални престапници. Неодамна објавен сет рани демо-снимки под името Words and Music, May 1965, каде Лу Рид и Џон Кејл изведуваат првобитни верзии од познатите песни на Велвет, покажува дека фолкот на Боб Дилан им бил главен наративен бастион. Не е ни чудо, затоа што поетската револуција што го промени рокенролот дојде токму од фолкот, а Рид потоа храбро ја прошири со бруталистичкиот јазик на мрачните улици. На тоа се додава и доброто познавање на револуционерни композиторски зафати од сферата на новата класична музика на Кејл, од каде се преземени мноштво потполно неочекувани, радикални решенија во песните на Велвет - и така е добиен нов урбан звук, прилагоден на вистинскиот пекол на мегалополисот, кој ги импресионираше практично сите генерации рок бендови што дојдоа после нив. 

Но, во ноември 1972-ра, Лу Рид сè уште не знаеше дали тукушто снимил нешто што ќе му овозможи да ја продолжи кариерата или ќе мора да се врати во некоја вошлива новинска редакција. Откако замина од својата популарна група, објави еден изразито неуспешен албум, и сè што сакаше е да не ги повторува старите формули, кои очигледно повеќе не функционираат. Снимањето на Трансформер за RCA изгледало како последна шанса да ја продолжи соло кариерата под пристојни услови, и да работи со големи издавачки куќи. Го работел во Тридент студиото во Лондон, со англиски креативен тим што ветувал многу, а чиј скелет го чинеле Дејвид Боуви и неговиот гитарист Мик Ронсон, потписници на револуционерната плоча The Rise and Fall of Ziggy Stardust and the Spiders from Mars, главната сензација таа 1972-ра - овие двајца се присутни во улога на продуценти, ко-автори и музичари. 

Самото доаѓање на Рид во Англија било експеримент. Рид веќе толку пати го преминувал границите на прифатливото што уште еден чекор преку не би му претставувал проблем, а издавачот верувал дека може да го препакува во глам рок, тој нов лондонски кул феномен. И навистина, и самиот Лу мора да бил заинтригиран од фактот дека баш сите битни автори од тој жанр, тогаш младиот и свеж Боуви, Марк Болан, Брајан Фери и Јан Хантер, ги наведувале Велвет андерграунд како свое големо влијание. 

Трансформер е лондонска стилизација на њујоршкото субкултурно милје. Најточно е да се рече дека овој албум е продолжение на сите паднати херои на Велвет андерграунд со други средства. Темите се тие - трансџендер херои на своето доба, геј барови и цел сензибилитет и светоглед на нежните отпадници заради сексуалниот таксират. Велвет веројатно би ги опеале припадниците на ваквото милје низ грчевити и какафонични композиции во кои взаемната игра на галамата и тишината би ја опишала сета драма на инаквото постоење во непријателското опкружување на тогашниот свет - но Лу во соло варијанта се одлучи да проговори со гласот на таа субкултура. Нежен е, понекогаш на раб на шепот, помалку водвиљски како да оди низ вилински полиња и внимава да не го поремети фантастичниот свет. Затоа и целиот Трансформер е интониран како бајка за животот на оние кои се толку различни што мораат принудно да се кријат додека дишат, купуваат или љубат. Рокенрол за оние што се родени поинакви. 

ЈАС СУМ ПРОМЕНЛИВ

Трансформер е најдобрата плоча што ја потпишал Лу Рид, неговото ремек-дело. Концептот на бавење со лицето на градот овде е изострен и доведен до совршенство токму затоа што е концентриран на една заедница, која дотогаш не доаѓала до израз, ниту имала свој глас на јавната сцена. Во таа смисла албумот беше прв што се бави со теми како присутност на поинакви родови идентитети и флуидна сексуалност - мотиви како преземени од денешницата. 

Енди Ворхол, како ангелски заштитник на целото тоа дисфункционално семејство, се појавува во неколку песни на албумот. Оваа автентична спојка со стварни личности на Vicious и Andy's Chest, ја спасува приказната за потонувањето во декаденти уживања, претворајќи ја во сведоштво за некои сосема реални мачни егзистенции, а го величи хуморот со кој се преживувало. Во вонвременската елегија Perfect Day сведочиме на болната жед за еден обичен ден во кој сè ќе биде во ред, затоа што е јасно дека за јунаците на оваа плоча инаку никогаш и никаде не постои утеха и скривница, па мирната прошетка низ паркот, при која никој не ги закача - е врв на среќата во животот. Хитот Satellite od Love само делува како романтична песна, а всушност е размислување за смислата на љубовта кај човек кого девојката сериски го изневерува. И во ниту еден момент нема сомнеж дека Лу Рид лично ги познавал луѓето што ги играат своите раштимани улоги во овие песни... и дека девојката всушност била негова девојка, а „Хери, Марк и Џон“ со кои спиела „од понеделник до четврток“, некоја екипа што секојдневно ја среќавал. 

Овој вeристички пристап кој нема милост ниту за авторот ниту за кој било друг, основно кредо е за легендарната Walk on the Wild Side, чии антихерои во текот на песната растат полека во неочекувани вистински рокенрол херои. Храбри да бидат она што се, трансродовите ликови што се спомнуваат овде, стануваат персонификација на човечката способност за достоинствен опстанок. „Дивата страна“ која се спомнува овде, тоа се искушенијата во кое сфаќаме дека поважно е да се биде свој, одошто да се попушта. Исто така, тоа се и немилосрдните споредни улици на Њујорк и било кој друг град, па и нашиот, во кој безимени секојдневно се борат за опстанок. Живот. 

Walk on the Wild Side е единствениот вистински хит што Луд Рид некогаш го имал. Случајните ликови Џо Далесандро и Џо Кембел, а особено Холи Вудлоунд, Кенди Дарлин и Џери Кертис, драг- квин ѕвезди од филмовите на Ворхол, ја освоија планетата и сè уште секојдневно ја освојуваат. Грото од луѓето нема поим кои се личностите што се спомнуваат, но ја чувствуваат како своја топлата приказна за некои таму луѓе на кои им се случува сешто, а тие сè издржуваат - што е и вечна приказна за самите нас. Во тој микрокосмос се крие и тајната на Трансформер и неговата постојана актуелност. 

Остатокот од песните беше згодна употреба на рок музика за целите на подземниот водвиљ што Лу Рид го напиша, Дејвид Боуви го режираше а Мик Ронсон го продуцираше. Такви се гласните разиграни нумери Make Up и So I'm Free, а уште повеќе целосно тетралните New York Telephone Conversation и Goodnight Ladies. Пристапноста на оваа колекција песни и нивниот easy-going шмек, го направија Трансформер најслушлив албум за некоја обична публика, особено доколку не се обраќа премногу внимание на текстовите. После неговото објавување - до крајот на декември 1972 - Лу Рид веќе знаеше дека стана она што цел свет го знае денес како Лу Рид.

ВИСТИНАТА ЗА ПОИНАКВИТЕ

Никогаш нема да ја дознаеме целата вистина за Трансформер: тој зборува за луѓе што живеат нестабилни и недовршени животи, за тоа дека понекогаш ни самите не знаат кои се и што се - нивниот идентитет е секогаш под знак прашалник. Веројатно и нема посовремена тематика во ова доба кое никому не му дозволува да биде стабилен и довршен. 

Езра Фурман во 2018-та напиша книга за овој албум, во која на едно место вели: „Песната е лошо место за криење“. Лу Рид изгледа тргнал да се крие во песните, a всушност ни открил повеќе од кога било. Сите дилеми на овој албум се всушност негови. 

Трансформер е убава плоча. На неа е запишано, еднаш засекогаш, дека исправно е да се биде поинаков.

Драган Амброзиќ

22 декември 2022 - 12:18