Како Ролинг стонси ја прават плејлистата за концерт?

Која е омилената на Кит Ричардс која никогаш не му здосадува? Зошто Џегер ретко сака да ја пее Beast of Burden? Која песна Чарли Вотс ја мачка на леб? Ричардс и Вуд се отвориле за магазинот кој го носи нивното име во еднина.

Рокенрол империјата има разработен систем за планирање на песните кои ќе ги свират на секое шоу. Во концертни денови тонска проба обично прават попладне. Тогаш седнуваат Мик Џегер и клавијатуристот Чак Ливел. Вториов има задача да води сметка што свиреле на тоа место (или во околината) последниот пат, за да не се повторуваат, а Џегер има задача да си каже што му се пее а што не. Предлози даваат и другите ама конечниот збор го има Џегер. Рони Вуд вика дека човекот е фер па им ги кажува причините зошто им одбива некој предлог.

Групата има песни кои обично се главно јадење, како “Brown Sugar”и “Tumbling Dice”, иако секој од нив има фаворити кои се по малку неочекувани. За Рони Вуд, на пример, тоа се “Play With Fire” (“Ми се свири таа почесто бидејќи со Кит двајцата сме на акустични”) и “Mixed Emotions” (“Таа се појави од никаде, еднаш Мик дојде и нè праша: „А што не ѝ дадеме шанса?“).

Додека стартуваат нова американска турнеја во Чикаго, за магазинот Ролинг стон, Ролинг стонс минале низ некои од клучните песни на нивната омилена ланска плејлиста, од лондонскиот концерт на стадионот Твикенхам.

1. “Street Fighting Man” (1968)

„Таа турнеја на почетокот ја започнувавме со “Sympathy for the Devil”, но Џегер посака да одиме со нешто поексплозивно и пополитички. А од оваа нема подобра за тоа“, вели Кит Ричардс

2. “Ride ‘Em on Down” (2016)

Тоа е нивна верзија на песната на Еди Тејлор од 1955 година. Блуз песна на која инсистира Џегер иако не му прави мерак на Вуд. „Можеме ние повеќе од тоа!,“ вика тој.

3. “Bitch (1971)

„Песната почнува мазно ама брзо станува зезната,“ вика Ричардс. „Има еден зезнат премин иако е стрејт рок и соул песна која сите ја сакаме. За Чарли Вотс песнава е лепче со путерче“.

4. “Beast of Burden” (1978)

На тонски проби секогаш се појавува како нечиј предлог и не им е најјасно зошто Џегер толку ретко ја става. „Мик, само што ја вежбавме, ајде да ја свириме,“ ќе му рече Вуд, Џегер ќе одмолчи ама за месец дена ќе им ја стави на листа. „Така тој нè држи напнати. Ќе беше убаво почесто да ја свириме ама некако на Мик не му лежи, а кај него е топката,“ признава Ричардс.

5. “Honky Tonk Women” (1969)

„Знае да биде ужасна за свирење“, вели Кит. „Кога е добра, стварно е добра, ама на почетокот има една едноставна убавина која мора точно да ја погодиш. Предизвик е, ама ја сакам“.

6. “You Got the Silver” (1969)

Првата песна на која Ричардс е главен вокал не ја свиреле во живо сè до 1999 година, ама оттогаш им е фикс. „На Кит не му беше јасно колку луѓето ја сакаат таа песна. На некој начин јас ја форсирав и поминува навистина добро,“ вели Вуд.

7. “Sympathy for the Devil” (1968)

Ричардс ја смета за епски бизарна песна која е многу забавна за свирење, поради дупките во неа. „Јас и Рони не ни свириме, сè до делот ‘Pleased to meet you!’ Песната има одлична динамика а на крајот можам малку и да се дриблам со неа.

8. “Jumpin Jack Flash” (1968)

„За неа треба многу енергија,“ вика Вуд. „Секогаш прави добра атмосфера и шири среќа, и низ публика и низ бендот. Убаво е да видиш кога луѓе се смеат“.

9. “Gimme Shelter” (1969)

На плочата Ричардс има наредено неколку гитарски слоеви и затоа нејзината изведба во живо се чини како најголем предизвик. „Кога ќе ѝ влезеш, сè е во ред, но никогаш не сум сигурен околу волуменот. Секогаш сум по малку анксиозен околу неа. На почетокот е толку чудна што некогаш ми се слуша ехо од стадионот“, обелоденува Ричардс.

10. “(I Can’t Get No) Satisfaction” (1965)
“Тоа е рифот над рифовите”, тврди Ричардс. Иако без престан ја свират од 1965 годиниа, никогаш му нема здосадено. „Уште барам начини како дополнително да ја стегнам и спастрам“.

 

4 јули 2019 - 10:51