Сите трите најголеми кабелски новински мрежи поставија свои рекорди за гледаност во првите 100 дена од мандатот на Трамп. Фокс њуз го има најдобриот квартал во историјата на кабелските вести. МСНБЦ има раст за повеќе од 50% и во гледаноста на дневната програма и во "прајмтајм". Си-ен-ен има двоцифрен раст во однос на и онака сензационалните рејтинзи од 2016.
"Хранејќи се од чадот од претседателството на Трамп, новинските мрежи изгледа дека растат на сметка на речиси се останато што е на телевизија," пишува Дерек Томсон во Атлантик.
Слична е ситуацијата и во националните весници кои цела деценија гледаат како им се намалуваат парите од рекламирање. Во вторникот Њујорк тајмс објави рекорден раст на дигиталните претплати, кои речиси се за два пати зголемени од почетокот на 2016. По години стагнација или опаѓање, раст бележат и претплатите на Бостон глоуб, Вашингтон пост, Фајненшл тајмс и Њујоркер.
"Присуството на Трамп не е ни приближно доволно да ги поништи ефектите од падот на рекламирањето, меѓутоа стравот од претседателот даде малку ветар во грб...
... Прво, печатот побрзо сфати како да профитира од претседателството на Трамп, отколку што научи како правилно да го покрива. Дебатите во Вол стрит журнал и други медиуми околу користењето на зборот 'лаже' - збор кој имплицира намера за измама наместо чисто незнаење - го истакнува фактот дека на голем број уредници и репортери им е непријатно да користат експлицитен јазик во опишувањето претседател чиј однос со вистината, во најдобар случај е, дистанциран.
Второ, околината на страв, напнатост и исчекување од која многу медиуми моментално имаат корист може нема да трае вечно. Публиката на кабелските вести се уште е над просеците од 2016 и 2015, ама минатиот месец тие паднаа под просекот од првите три месеци, откако стравот од Трамп резултираше со изненадувачки незанимлив законодавен распоред," објаснува Томсон според кој рејтинзите од првиот квартал ќе бидат рекордот на кој ќе останат тв мрежите.
Она што според него го покажува ваквиот "несреќен механизам на економија на медиумите," е дека за медиумските компании е крајно профитабилно да промовираат напнатост, исто како што Трамп смета дека се исплати да ги држи медиумите како постојан непријател на неговата администрација и симпатизери.
"На Трамп неопходни му се новинските медиуми - за да го хранат неговото его, да ги дразнат неговите симпатизери, да служат како барометар на неговиот статус, и да го структурираат неговото разбирање на светот.
Рекордните бројки на повеќе новински организации покажуваат дека и тие, исто така, напредуваат од бранот на неспокој што излегува од Белата куќа," пишува Томсон.