Уште во 80-те италијанскиот невролог Џакомо Рицолати од Универзитетот во Парма идентификува посебни мозочни ќелии, кои ги нарекува огледални неврони. Тие се задолжени за мимика, имитирање, а во одредени случаи и емпатија кон постапките на одреден човек. Карактеристично за нив е што инстантно се активираат.
Во пракса тие се одговорни за тоа што ти ќе се згрчиш кога ќе видиш како некој друг човек е повреден, затоа што ти се ставаш на негово место. Ова е и причината зошто видеата за собирање донации содржат трагични сцени, бидејќи со активирањето на огледалните неврони ти се ставаш на место на жртвата и е поверојатно да бидеш дарежлив кон одредена кауза.
Другата страна на овие неврони е што луѓето можат да удрат на имитирање на одредени акти на насилство, бидејќи ти самиот бираш дали ќе се доживееш како жртва или агресор во одредено сценарио што си го изгледал.
Неврологот од УКЛА, Марко Јакобони, објаснува дека концептот на имитирање насилство е најзабележлив кај децата што гледаат насилство на телевизија или кој било медиум. Според него, ако на деца им покажеш насилен филм, веднаш по него и тие почнуваат со насилно однесување.
„Во реалниот живот ова може да е дел од причината за 350 закани за насилство во училиштата што следуваа веднаш по пукањето во Колумбина во 1999“, пишува Анкита Рао во Мадерборд.
Кај возрасните ова е многу потешко да се утврди бидејќи имале време да развијат и други фактори што ќе одредат како реагираме на тоа што го гледаме. Јакобони објаснува дека токму овие влијанија ни помагаат да ги „контролираме“ огледалните неврони и како реагираме и кој правец го фаќаме.
„Нив треба да ги гледаш како брзи момци - тие се на автоматик, те гледам како правиш нешто и мојот мозок се подготвува да реагира. Меѓутоа затоа тука е контролата, каде ти решаваш 'не сакам да го правам тоа'“, објаснува Јакобони.
Сето ова сведено на францускиот случај значи дека ако некој гледа како терорист убива десетици луѓе во Ница, тој би можел да е поподготвен на слична постапка доколку поради сите претходни искуства повеќе се идентификува со напаѓачот отколку со жртвите.
Долгогодишниот истражувач на психолошкото влијание на насилството во медиумите Даглас Џентиле објаснува дека кога медиумите ги објавуваат имињата на луѓето што извеле масакри во училиште, или го опишуваат оружјето или движењето на убиецот, и објавуваат големи фотографии во статиите, тие во „основа презентираат рецепт како некој да го направи истото тоа“.
„Ние создадовме онлајн-херои од нив. Ги нарекуваме осамени волци - што звучи кул. Терористи - што исто така звучи кул за оние што сакаат да бидат тоа“, објаснува Џентиле.