Имаме нов збор: "мигрант-порно"

За фото-репортерите кои од првата линија сведочат за драмата на бегалците и дилемата дали да се фатат за апаратот или за луѓето.

Ако видиш човек што се дави во вода и можеш или да го спасиш или да го фотографираш.... со која бленда ќе сликаш?

стара фоторепортерска

"Честопати сликам и плачам. Некогаш е невозможно да не бидете емотивно вовлечени во приказната која ја следите," рече деновиве (на топло и суво) фотографот Ѓоргиос Мутафис на една трибина во Солун. Три дена претходно тој ги следел бегалците кои ја пробија блокадата на грчко - македонската граница. Онаа група од која три лица од Авганистан се удавија во Сува Река (каква е тоа иронија, да се удавиш во река со такво име). 

Како што бегалската криза се продлабочува и се зголемува бројот на луѓето кои гинат некаде по рутата, фото-репортерите сè почесто се наоѓаат во расчекор меѓу професионалниот принцип на немешање во настаните кои се следат и човечката потреба да им се помогне на луѓе во невоља.

"Од една страна, знаете дека  морате да ја пренесете приказната. Од друга страна, знаете дека ќе мора да живеете со својата совест," вели 38 годишниот Мутафис а пренесува Катимерини.

Тој во оваа работа е од 2009-та година и оттогаш има покривано конфликти и хуманитарни катастрофи во 20-тина земји од целиот свет а неговите фотографии се нашле на страниците на Гардијан, Њујоркер, Њусвик, Тајмс....

Од 2014-та до денес, најмалку 1,261 луѓе загинаа бегајќи од војната во својата земја кон Европа. Муфатис честопати се наоѓаше прв на грчите брегови на кои морето исфрлаше тела од настрадани. Не мисли да се правда за вознемирувачките фотографии кои ги има објавувано бидејќи верува дека тие имаат своја "шокантна вредност“ и потенцијал да сменат нешто.

"Верувам во моќта на фотографијата. Редно е луѓето да се шокираат, тоа можеби ќе ги натера на некоја акција. Не смееме да се навикнеме на идејата дека луѓето, ете, си умираат, не смееме да си дозволиме да бидеме имуни на таквиот спектакл", вели фото-репортерот.

Дебата на оваа тема стана глобална по објавувањето на фотографиите од тригодишниот Ајлан Курди (види овде), исфрлен на брегот во близината на Бодрум. Минатиот месец, таа сцена ја "реконструираше" кинескиот уметник Аи Веивеи легнувајќи самиот со лицето в песок на Лезбос. Многумина тоа го оценија како лош вкус, но уметникот не го беше исцрпел таквиот свој талент па неодамна на евтин но овојпат патетичен начин повторно ја искористи драмата на бегалците носејќи им пијано да посвират во калта.

Види и:
"Мршојадци со добро око"
"Ако имаа детство какво што заслужуваат"
"Фотограф на 2015: Јанис Бахракис, Грција"

19 март 2016 - 13:02