Се викаат Ваев марамчиња и се единствен производ на нов стартап од Лос Анѓелес. Но тие не служат за бришење мрсули, туку за нивно создавање.
Пакувањето изгледа како како за накит или за скапа козметика - бела кутија во која има „петриев сад“ (онаков каков што користат во лаборатории), а внатре марамче кое е наводно заразено со вирус на грипосан човек кој кивнал во него. Комплетот чини 79.99 долари, и единствена намена му е да пренесе настинка.
„Веруваме дека користење марамче-носител на вируси е побезбедно отколку игли или апчиња. Избришете си го носот со заразеното шамивче и ќе се разболите тогаш и онака како што вие сакате“, вели производителот Ваев на својата веб страница. „Логиката“ според нив е дека на овој начин човек може превентивно да се зарази, на пример доволно долго пред некој важен настан, за баш на време да биде раат.
Но проблемот е дека ова не е начинот на кој функционираат вирусите. Има повеќе од 200 типови риновируси, што значи дека за самозаразување од секој од нив би требало да набутаме исто толку марамчиња во нос. Токму ова е и причината зошто не постои вакцина за обична настинка. Исто така е сомнително колку од компанијата водат сметка човек да не се зарази од нешто посериозно, или пак - боже сочувај - вирусот воопшто да не му „фати“ бидејќи платениот кивач страдал само од алергија. Користењето вакви марамчиња од страна на постари лица или на деца може да на непредвидлив начин да им го нападне имунолошкиот систем. Засега упатството вклучено во производот единствено вели дека тој е наменет за возрасни и за деца над 6 години.
Па сепак, марамчињата се продаваат. Најчести купувачи се млади родители и луѓе на 20-тина години. Тие ги користат како некој вид поттик на имунитетот за себе и за своите деца. Но дури и некои од оние кои веќе го купиле производот се скептични, велејќи дека на пакувањето и на сајтот нема доволно информации за евентуалните нуспојави.
Новинар на Тајм кој се обидел да ја истражи целата приказна наишол на прилично сомнителни податоци за локација на компанијата и за нејзината дејност. Освен тоа, открил и дека испраќањето вируси или какви и да е други заразни супстанци преку пошта е во спротивност со законските одредби во САД и повеќе други земји. Но дури и да сакате сега да го купите, марамчето со месеци се води како „распродадено“. Нам додуша ни е доволно да излеземе на чист воздух, и веднаш да имаме респираторни проблеми. Имуно-бустер кој ни со пари не се плаќа.