Во 1999-та, по години истражување, Шведска носи закон со кој под а. купувањето секс станува кривично дело и под б. се декриминализира продавањето секс. Трета ставка која ја комплетира стратегијата е обезбедување на богати и сеопфатни социјални сервиси и фондови наменети за проститутките кои сакаат да излезат од бизнисот.
И покрај сеопфатното планирање на законот, во првите неколку години од неговото воведување речиси ништо не се менува, полицијата апси многу малку муштерии, а проституцијата која претходно беше легализирана тече како и порано.
Швеѓаните остануваат уверени во планот и набрзо почнуваат да го бараат проблемот. Тоа што го заклучуваат е дека полицијата и слично надлежните не го разбираат законот. Се' се сведува на тоа дека полицијата треба да сфати дека проституцијата е дел од машкото насилство против жените, и дека купувачите на секс треба да бидат казнети, а на проститутките да им се помогне. Владата вложува уште повеќе средства во подготовката на полицијата. Тогаш почнуваат неочекуваните резултати.
Сличен обид за менување на законот за проституција има и Шкотска во 2003-та. Тие тогаш го ангажираат Универзитетот на Лондон за да направи компаративна анализа на различни политики за секс-трговија низ светот. Во анализата се земени Австралија, Ирска и Холандија кои имаат различни модели за регулација или легализација на проституцијата.
Резултатите се дека легализацијата на проституцијата доведува до:
- драматичен раст на сите аспекти на секс индустријата
- драматичен раст во инволвирањето на организираниот криминал во секс индустријата
- драматичен раст на детската проституција
- експлозија на бројките на странски жени и девојки кои се шверцуваат во регионот
- индикации за раст на насилството над жените
Во државата Викторија, во Австралија, каде што има систем на легализирани и регулирани бордели, настанал бум на новоотворени бордели кои ја надминуваат способноста на системот да ги регулира. Плус, девојките кои работат во овој систем и понатаму се чувствуваат присилени и небезбедни. Во Холандија, 79% од проститутките изјавиле дека сакаат да излезат од овој бизнис.
Без разлика што секоја од програмите за легализација ветува помош на проститутките кои сакаат да ја сменат професијата, тоа речиси никогаш не е исполнето. За споредба, 60% од шведските проститутки ги искористиле државните програми.
Клучната разлика меѓу планот на Шведска и останатите законодавства е што Швеѓаните успеваат на проститутките да гледаат како на жртви на машката принуда и насилство, додека останатите на проституцијата и понатаму гледаат од машка гледна точка, а не од женска.