Деталното следење на нашите однесувања и навики им овозможуваат на дигиталните машини да нè запознаат и на психолошко ниво, дури и подобро отколку што се познаваме самите себе. Затоа веќе нема потреба општествената контрола да се врши на стариот тоталитаристички начин, преку отворена доминација. Денеска сме веќе изманипулирани и регулирани кога делуваме по „сопствена волја“, следејќи ги сопствените желби и потреби, вели словенечкиот филозоф Славој Жижек во интервју за Економист.
Тој потсетува дека Стивен Хокинг во последните години на својот живот експериментираше со технологија која го поврзува неговиот мозок со компјутер така што со мисли можел да бира зборови и да склопува реченици кои потоа биваа пуштени низ гласовен синтисајзер. Но Жижек обрнува внимание и на друг аспект: ако со мислите може така да се интервенира во стварноста, тогаш исто така е јасно дека машината знае што мислиме.
Ово води кон саркастичната забелешка на Фредрик Џејмсон дека денес е полесно да се замисли крајот на светот отколку крајот на капитализмот.
Економист: На париските протести во 1968 година, Лакан на студентите им кажа: „Она кон што вие револуционерите тежнеете е нов господар. И ќе го добиете.“ Дали она што нè привлекува кон популистите и силните лидери ја рефлектира желбата за авторитет која либералнта демократија не е во состојба да ја понуди?
Да, но на начин различен од оној кој на ум го имал Лакан во неговото песимистичко читање на немирите од 1968. За него, крајниот исход на тие немири бил слабеење на стариот (директно авторитарен) лик на господарот и издигнување на нов господар по стручност, она што Лакан го нарекуваше универзален дискурс. Размислете како денес се оправдуваат економските мерки - не како израз на политичка волја и општествени визии, туку како консеквенца на неутралното знаење: тоа така мора да се уреди, така функционира пазарот....
Дали вие посакувате нов господар?
Можеби ќе звучи изненадувачки, но да, посакувам. Обично го замислуваме господарот како некој кој остварува доминација, но постои и поинаков, поавтентичен поим на господар. Вистинскиот господар не е оној кој воспоставува дисциплина и забрани, неговата порака не е: „не можеш“ или „мораш..“ туку едно ослободувачко „Можеш - што?“. Направи го неможното, то ест она што изгледа невозможно во координатите на постоечката констелација. Денес тоа значи нешто многу прецизно: можеш да размислуваш надвор од капитализмот и либералната демократија како крајна рамка на нашите животи.
Господарот е посредник кој те враќа кон самиот себе, кој те бутка во амбисот на твојата сопствена слобода. Кога слушаме вистински господар, го откриваме она што го сакаме (или почесто, она што отсекогаш сме го сакале, а не сме биле ни свесни). Господар е потребен бидејќи немаме директен пристап кон својата слобода. За да добиеме таков пристап, некој однадвор мора да не подбутне, затоа што нашата природна состојба е состојба на инертен хедонизам, она што Ален Баду го нарекува „човечко животно“.
Основниот парадокс е, што подолго живееме како слободни поединци без господар, тоа повеќе биваме неслободни, заробени во рамките на постојните можности. Затоа во слободата мора некој да нè насочи или пак кон неа да нè подбутне.