Најавена како вообичаена корекција за поедноставување на бирократијата за малите бизниси, реформата „дигитален омнибус“ всушност ги менува основните елементи од Општата регулатива за заштита на податоците (GDPR) за да ги задоволи големите технолошки компании што заработуваат илјадници милијарди долари, се заклучува од нацрт-документот што протече до медиуми.
Многу елементи од предвидената реформа би ја поништиле судската пракса на Судот на правдата на ЕУ, би ги прекршиле Европските конвенции и Европската повелба за фундаментални права, забележуваат критичари.
Промените се движат од намалување на заштитата на најосновните лични податоци, па сè до ограничување на правото на пристап, што може да ги спречи вработените, новинарите или истражувачите да пристапат до свои податоци. Исто така, овозможуваат пристап за извлекување податоци од телефони, компјутери или други уреди што се поврзани на интернет и во голема мера им дозволуваат на компаниите да користат лични податоци од Европејците за комерцијална обука за вештачка интелигенција, забележува австрискиот активист за приватност Макс Шремс.
Неговата група Нојб покрена судски процеси што завршија со поништување на договори за пренос на податоци во САД.
Се менува дефиницијата за „лични податоци“ и сите права што произлегуваат од неа. На корисниците што користат псевдоними наместо вистински имиња повеќе нема да им бидат заштитени идентитетот и податоците. Значително би била намалена заштитата на најчувствителни податоци, како здравствени податоци, политички ставови или сексуална ориентација. Се овозможува и далечински пристап до лични податоци на компјутери или паметни телефони без согласност на корисникот.

Компаниите за развој на вештачка интелигенција, како Гугл, Мета или Опен АИ, ќе добијат законска можност да обработуваат посебни категории на податоци (како што се религиозни или политички убедувања, етничка припадност или здравствени податоци) за обука и управување со нивната технологија.
Се менуваат и правилата за досадните банер-колачиња со одредба што би им дала на сопствениците на веб-страници и апликации повеќе законски основи за да оправдаат следење на корисниците, освен едноставното добивање на нивна согласност.
Нацртот не е само екстремен, туку и многу лошо составен. Не им помага на малите бизниси, како што беше ветено, туку главно им користи на големите технолошки компании, забележува Шремс.
Нацрт-предлогот би можел да се промени пред Комисијата официјално да го претстави на 19 ноември. Дигиталниот омнибус потоа треба да биде прифатен од членките на ЕУ.
Естонија, Франција, Австрија и Словенија се цврсто против какво било преработување на Општата регулатива за заштита на податоците. Германија, од своја страна, инсистира на значајни измени што ги надминуваат рамките на законот.