Во меморандум испратен до амбасадите низ целиот свет, Стејт департментот им препорачал на службениците да го имаат предвид и здравјето на апликантот кога решаваат дали да му одобрат виза за престој во САД. Во документот се предупредува дека „дебелината може да предизвика здравствени состојби како астма, апнеа при спиење и висок крвен притисок“.
Треба да се имаат предвид сите заболувања на кандидатите, кардиоваскуларните и респираторните болести, ракот, дијабетесот, метаболните и невролошките заболувања, како и состојбите на менталното здравје. Ваквите состојби може да резултираат со укажување здравствени третмани во вредност од стотици илјади долари и обемна и долгорочна нега, пишува во меморандумот.
Адвокатот Чарлс Вилер забележува дека препораките не се однесуваат на туристи и странци на деловни патувања, туку само за оние што аплицираат за долготраен или постојан престој во САД. Тој, сепак, изрази загриженост поради тоа што на службеници во конзулатите и амбасадите им е дадено дискреционо право да решаваат кој може да патува во САД, врз основа на сопствен заклучок за нивното здравје.
Тие не се лекари и немаат никакво искуство и може да носат пристрасни одлуки, предупредува адвокатот.
Стејт департментот даде нови препораки и за луѓето на возраст за пензија што аплицираат за виза. Од нив ќе се бара да докажат дека ќе можат самостојно да се издржуваат во САД, за да не бидат потенцијален товар за социјалниот и здравствениот систем.

Tоа е резултат на тоа што претседателот на САД ги става интересите на американскиот народ на прво место. Тоа вклучува политики што гарантираат дека нашиот имиграциски систем не е товар за даночните обврзници, изјави главниот заменик-портпарол на Стејт департментот, Томи Пигот.
Ослабувањето на нацијата е меѓу приоритите на министерот за здравство Роберт Кенеди Јуниор. Повеќе од 42% од возрасните Американци имаат прекумерна телесна тежина, дефинирана како индекс БМИ повисок од 30. Според овој критериум САД се рангирани на 13-то место во светот по дебелина, зад пацифички островски земји, некои карипски и веднаш до Египет. Речиси 9% од Американците се премногу дебели. Грижата за нив го оптоварува здравствениот систем.
И без странците, пристапот до грижа во САД е неизвесен, а покривањето на услугите не е доволно. Треба да си милијардер за да можеш цел живот да ја добиеш потребната медицинска грижа во САД, без оглед дали си роден во Америка или си имигрант, вели Џон Бјуз, професор по медицина од Универзитетот Северна Каролина.