Ryan Sean Kelly, The Ink Factory, Dublin
Vice: Здраво Рајан. Раскажи ми за твојата омилена тетоважа.
Мојата омилена тетоважа е мошне едноставна. Неодамна направивме настан за подигање на јавната свест за лицата заболени од аутизам, и притоа парично да ја помогнеме идејата. Додека ѝ ја изработував тетоважата на сестра ми, едно парче од служувалка, односно, амблемот на аутизмот, тоа го гледаше мојот внук кој ја има истата состојба. Беше многу возбуден за време на целиот чин и за мене тоа беше едно преубаво искуство.
Која е најлошата тетоважа што досега си ја изработил?
Едно момче побара да го изработам името Венеса долж неговите гради. Додека го тетовирав, го прашав дали таа е негова девојка или можеби мајка, но одговори дека станува збор за неговата бивша, а ова го прави за повторно да ја придобие. Да знеев дека е таква работата, немаше воопшто да почнам. Инаку, го видов после 6 месеци и се уште беше очајно осамен.
Какви барања имаат луѓето во моментов?
Се чини дека луѓето во последно време се опседнати со разни видови стрели.
Нешто друго?
Тоа што работиме во Даблин со себе си повлекува многу тетоважи со детелини. Досега имам направено мал милион такви, но луѓето кои ги бараат се најчесто туристи и ги прават од шала.
Tota Volpe-Landi: Happy Sailor Tattoo, London
Што е најинтересното нешто што си го изработил во последно време?
Тоа е едно дело изработено со многу точки, масонски и илуминатски симболи и една огромна ноќна пеперутка, централно поставена. Оваа тетоважа беше сместена на горниот дел од раката во црна и сива боја. Можам да кажам дека многу ме пленат езотеричната геометрија и алхемијата, па
затоа и уживав работејќи. Тетоважата беше изработена за 7 часа, во неколку сесии.
Кои се големите тетовирачки трендови во моментов?
Симболот за бесконечност! Тоа е она што некогаш беа ѕвездите. И малите стрели, кои најчесто се сместени на ребрата на девојките. Многу од нив доаѓаат со готова слика од мала стрела - секогаш симната од истата веб-страна.Не ми пречи, ама стварно - доколку сакаш да имаш тетоважа која ќе му покаже на светот кој си и што си, дали си сигурен дека тоа сакаш да е симболот за бесконечност? Многу научници не можат да си ја објаснат бесконечноста, не па девојчињава.
Каков тип девојки ставаат тетоважи со симболот за бесконечност?
Обично, доаѓаат во група и сите се изгорени за истата тетоважа. Кога ги прашувам зошто не сакаат да стават нешто различно, ме гледаат бледо како да сум им понудил наркотици.
А момчињата?
Тие пројавуваат голем интерес за џебни часовници со по две рози од страните. Пред неколку години, сите сакаа бувови.
Зошто сите луѓе ја посакуваат истата тетоважа?
Виновник е селебрити културата. Едно време сите беа аздисани по сидрото на Кејт Мос и по бисерите на кои виси крст, поставени на глуждот на Ријана. Генерално, така бидува - штом некој славен истетовира нешто, истото веднаш почнува да се шири како вирус.
Craig Hicks: 72 Tattoo, Manchester
Кажи ми за изработката на делото што ти значи најмногу.
Изработив тетоважа на една жена која го беше изгубила детето. Не зборувавме многу за тоа, понекогаш нема потреба да се навлегува во детали. Тетоважата беше на нејзиниот стомак и имаше за цел да ги покрие лузните од породувањето. За неа тоа беше многу значаен момент. Исто така и за мене беше голем предизвик да ја изработам таа лесна, црно-сива тетоважа на тој предел од телото.
Што е најглупавото нешто што си го изработил?
Еден дечко побара да му направиме тетоважа „666" на тилот. Откако одбивме, побара да му изработиме „некои од оние гранчиња рузмарин". Бевме во недоумица дали човекот сака религиозна или билна тетоважа. Тоа многу зборува за свеста на луѓето кои само сакаат да истетовираат нешто, без особена смисла, чисто од позерство.
Некои необични барања?
Едно момче дојде со 20 фунти и праша каква тетоважа може да добие за тие пари. На шала му одговоривме дека не може за тие пари да добие тетоважа, но би можеле да го испирсаме четири пати. Прифати. Дефинитивно тие 20 фунти плачеле да бидат потрошени.
Нешто што направило да се почувствуваш некаква нелагодност?
Часовници, часовници, џебни и секакви часовници. Тоа е најчестата тетоважа на младите денес. Сигурно стотици часовници неделно се работат во Англија. Многу тату уметници престанаа да ги ставаат часовниците во своето портфолио зашто веќе им се дојдени преку глава. Тие се доста деликатни и можат да зафатат и околу 7 часа за изработка на еден, така што, ако правите, да речеме, по три неделно, ќе паднете во очај.
Се чини дека часовниците ти се збоктисани.
Искрено, преку глава ми се. Часовници во очи, часовници во рози, часовници мали и големи. Лудило.
Cian Thomas Feasey, Barber Ink, Swansea
Некои тетоважи што имаат особено значење за тебе?
Група момци дојдоа во студиото и сакаа да истетовираат Супермен лого на нивните задници. Излезе дека нивниот најдобар другар починал во сообраќајка, и единствен начин за идентификација на телото била таа тетоважа. Затоа, решиле да го истетовираат истиот тој Супермен на себе.
Во што уживаш најмногу?
Сакам да изработувам тетоважи кои се предизвикувачки од технички аспект. На пример, еден дечко сакаше да истетовира многу од суперхероите на Марвел, а јас сум човек што ги обожава истите, па затоа и уживав во работењето, навлегувајќи дури и во најситните детали.
Некои глупави барања?
Многу луѓе бараат да им истетовирам камила на ножните прсти, мустаќи на прстите од дланката, сидра... Да, тешко е да бидеш креативен со вакви барања.
Што ти бараат да направиш?
Џебни часовници. Многу луѓе во нив го ставаат датумот на раѓање на нивното дете, што е убава идеја, но пречеста во последно време.
Некои барања кои во извесна смисла те навредиле?
Имам еден пријател кој инсистираше да му направам портрет на Хитлер. Не е расист, напротив, само сака да шокира. Како и да е, нема да му ја исполнам желбата.
Gary Bunton, Eclectic Ink, Glasgow
Кажи ми за твојата омилена изработка.
Веројатно анатомското срце кое неодамна го изработив. Беше предизвикувачки. Многу префинети линии. Уживав.
Најлошото нешто што од тебе го побарале?
Со оглед на тоа што доаѓам од Глазгов, на грб го имам целото ривалство помеѓу ренџерите и келтите. Се што е на некој начин секташко, се трудиме да го избегнеме. Најпретпазлив треба да се биде со луѓе кои бараат кукасти крстови.
Кажи ми нешто за таквите.
Типични дрипци, скинхеди. Ќе прашаат еднаш и иако се одбиени, продолжуваат да доаѓаат секој месец, мислејќи дека ќе се попишманиме и ќе им ја исполниме желбата.
Кои се најчестите барања?
Многу луѓе имаат фрлено мерак на мандала дизајните. Исто така, тетоважите кои се чинат како да се изработени со водени боици се многу популарни во моментов.
Зошто луѓето упорно ги сакаат истите тетоважи?
Главни виновници за тоа се Инстаграм и Пинтерест. Таму сите ги имаат истите
тетоважи; симболи за бесконечност и пеколни полу-запирки! Со ваквите работи во тату-заедницата тераме мајтап.Луѓето секаде се исти, само некои се поисти од другите.