Неодамна во Вашингтон (сојузната држава) беше уапсена 46-годишната Тан Нгујен, позната како Лејди Формула (бејби формула - лејди формула). Таа е обвинета дека најмалку 18 месеци купувала кутии крадено вештачко млеко за доенчиња за дел од цената и потоа им го преподавала на купувачи низ целиот свет.
Се проценува дека пазарот на црно за овој производ во САД изнесува неколку милијарди долари, а во исто време прехранбените производи за новороденчиња остануваат една од најкрадените стоки во американските супермаркети.
"Во големиот спектар на малопродажен криминал, формулата е еден на главните производи. Синџирите на супермаркети ќе ви кажат дека таа е толку крадена, што во одредени случаи таа мора да биде заклучена, ставена во близина на касата, стратешки ставена на најдолната полица или изложена во ограничена количина," објаснува претставникот на Националната малопродажна федерација, Џо ЛаРока.
Привлечноста за производот е што на црниот пазар наркоманите и ситните крадци за една кутија од производот заработуваат околу 10 долари. За купувачите ова е добра цена затоа што истиот во продавница може да биде и 100 долари.
Тие што не продаваат на ситно, украдената стока им ја носат на посредници како Нгујен, кои на големо ја препродаваат на регионални купувачи што бараат пратки од по илјадници конзерви. Потоа овие купувачи стоката ја препакуваат и ја препродаваат надвор од сојузната држава или надвор од САД.
Во јули во Флорида беше спроведена "Operation Got Milk" во која беа уапсени 23 лица, и разбиен организиран синџир за продажба вреден 2 милиони долари.
Што се однесува до Нгујен, таа соработувала со повеќе банди на крадци, кои требало да и го набавуваат производот од супермаркети. Жената со соработниците се среќавала навечер и им плаќа по 9 долари за украдена кутија. Потоа прашокот го препакувале кај нејзе дома и го испорачувала до клиентите.