Објаснувањето на ваквата остра критика е важна за иднината на ГМО. Иако агробизнисот ја смета оваа тема за суштинска за неговата бизнис иднина, тоа не е така за крајните алки во синџирот на доставување храна, коишто се ориентирани кон брендовите и кон потрошувачите.
Оттаму, брендовите како Нестле или Кока-кола се помалку посветени на проблемот на ГМО, односно продолжуваат со нивната употреба веројатно сакајќи да одржат добри односи со агробизнисот, кој е нивниот сојузник и доставувач. Исто така тие во иднината на ГМО веројатно гледаат потенцијал за нови производи.
Сепак, во текот на последниве пет години, со оглед на тоа што во САД репутацијата на ГМО е под зголемен притисок, цената на тоа брендовите за храна да ја игнорираат побарувачката за производи без ГМО е зголемена. Можеби не го признаваат тоа јавно, но врвните брендови сакаат да ја избегнат критиката за продавање ГМО.
Од оваа гледна точка, станува јасно зошто случајот со Чипотл е важен. Ако тие можат да освојат дел од пазарот и да наплаќаат повисоки цени за не-ГМО производи, и притоа да им го дадат, особено на помладите муштерии, она што тие го сакаат, тоа за традиционалните продавачи на брза и процесирана храна претставува закана која тие не можат да ја игнорираат.
МекДоналдс веќе има проблеми и почнува да бара решенија со воведување поздрави производи на неговото мени. За ваквите големи играчи трката со Чипотл изгледа можна. Но, барем краткорочно, за титаните на агробизнисот кои поддржуваат ГМО, како Монсанто, Баер и Дупон, ова е кошмарно сценарио.
Има повеќе причини зошто во моментов не е можно повеќе да се кријат нуспојавите на технологијата околу ГМО. Пред педесетина години хемиската индустрија можеше да ги надмудри екологистите, истурајќи пари на медиумска пропаганда. Нo тоа беше пред електронската пошта, научните публикации со слободен пристап и интернетот воопшто. Во свет во којшто свеста за постоењето на ГМО расте, заедно со свеста за научната и општествената реалност којашто тие ја создаваат, оние кои ја бранат оваа опција се соочуваат со големи проблеми. Тоа се уште не значи дека истите медиуми кои и претходно ја ширеле ГМО пропагандата веќе не го прават тоа. И не само медиумите, туку и некои престижни научно-образовни институции, како Универзитетот Корнел кој наводно добил грант од 5,6 милиони долари од фондацијата Гејтс за „деполаризирање" на негативниот публицитет околу ГМО. Ваквите суми се разбирливи, ако се знае логиката според која ако ГМО не успеат во САД, тогаш најверојатно нема да успеат никаде.