Комбе за електрични хипици

Некаде во декември минатата година престана да се произведува легендарното хипи комбе на Фолскваген, икона на слободното движење и дружење. Стигна предлог за замена. Новото комбе би било електрично, со магнифисент поглед.

По 63 години живот во кои беа склопени преку 10 милиони парчиња од комбето кое влезе во популарната култура како симбол на слободниот живот, Фолскфаген реши да ја сопре последната производствена трака, онаа во Бразил. Главна причина беа безбедносните регулативи кои Фолксваген не можеше да ги спроведе без да се поремети целиот (бизнис) модел на комбето.

Боб Дилан и Бич Бојс го имаа на кавери на свои плочи. Легијата фанови на Грејтфул Дед патуваа со нив насекаде, претворајќи ги во свои домови а Стив Џобс го продаде своето за да го купи она што му е потребно да го направи првиот Епл. За неговото значење за популарната култура постои и документарец на Дамон Ристау.

Закоравените фанови на хипи кобето веројатно ќе најдат триста замерки за концептот Нимбус на Едуардо Галванис. Ама, не е до толку лошо. Електрично комбе со четири мода на работење (градско, стандардно, брзо и на 4 тркала), јон -литиумски батерии кој се дел и од екстериерот на комбето, систем за кочење кој би ги полнел батериите.

Внатре би имал табла со ГПС и тачскрин за интернет функции, контрола на аудио системот и еркондишнот. Плус 4 УСБ конектори за да можат патниците да зјапаат во своите телефони и таблети, што би било врло глупо со оглед на погледот кој го имаат на околината.

 

 

2 јуни 2014 - 09:13