Американската секретарка за трговија, Џина Рајмондо, неодамна ја предупреди јавноста дека американската безбедност е загрозена бидејќи САД не произведуваат доволно полупроводници, односно чипови. За референтна година се зема 1990 година, кога сите чипови во светот беа правени во САД (37%), земјите од денешната Европска унија и Јапонија. Триесет години подоцна, Јапонија, ЕУ и САД произведуваат само околу 30 отсто од чиповите, а пазарот го презедоа Тајван, Јужна Кореја и Кина.
Јапонија сè уште е земја со најмногу фабрики за чипови, но тие придонесуваат само 10 отсто во светското производство, додека државата мора да увезува две третини од чиповите што ѝ се потребни на индустријата, што беше незамисливо пред триесет години.
Но, тоа не е најлошиот факт, предупредува Рaјмондо. Ниту САД, ниту Јапонија, ниту ЕУ, воопшто не произведуваат чипови со врвен квалитет, оние под 10 нанометри, иако ги дизајнираат. Овие чипови се клучни за развојот на вештачката интелигенција и 5G уредите, значи за сè што во блиска иднина ќе ја движи индустријата. Кога ќе се додаде фактот дека развојните лаборатории во Кина имаат постигнато огромен напредок и дека веќе е замисливо најдобрите чипови во светот наскоро да бидат целосно кинески производ, јасно е што значи тоа.
Ништо повеќе нема да може да ја заузда кинеската економија, што ќе ја одреди и судбината на другите. Тоа многу добро го знаат Американците. Ако недостигот на чипови поради пандемијата им направи толку многу проблеми на „Форд“ и „Шевролет“, што останува за американската наменска индустрија која треба да произведува оружје со врвен квалитет, полно со најсофистицирани чипови. А таквите се произведуваат во Тајван.
Оттука, јасно е зошто за Тајван се зборува толку жестоко и во Пекинг и во Вашингтон и зошто САД велат дека се подготвени да војуваат доколку Кина се обиде да го врати пребеганиот остров под нејзино покровителство. Тајван произведува само нешто помалку чипови од Кина, барем според официјалните бројки, и повеќе од САД и ЕУ - заедно.
Американскиот план е да го врати производството на полупроводници од високата класа во сопствените граници, а слично размислува и ЕУ. Нема да биде лесно бидејќи треба да најдете квалификувана работна сила за тоа, што е многу полесно кога имате милијарда и двесте отколку триста милиони. Или 450 во случајот со ЕУ, од кои повеќето повеќе би сакале да бидат во администрација отколку во фабрика.
Тука доаѓаме до суштинскиот проблем - цената. Американските експерти велат дека трошоците за изградба на фабрика за микрочипови се мерат во десетици милијарди долари, а во Тајван и Јужна Кореја се поевтини за 20 до 25 отсто отколку на Запад, пред сè поради високите субвенции што владите им ги даваат на инвеститорите. За таа цел, за поттикнување на локалното производство на чипови, САД одвоија 52 милијарди долари во делот од буџетот наменет за одбраната.
Џина Рајмондо вели дека не спие навечер од страв дека конгресмените кои го усвојуваат буџетот не сфаќаат колку е сериозна ситуацијата.
Кој во таква ситуација смее да бара чипови за вакцини?