Кинези развија нова генерација литиумски батерии

Кинеските научници го надминаа клучниот проблем на литиумски батерии во цврста состојба, кои се сметаат за технологија од следната генерација. Овие батерии се двојно ефикасни од традиционалните, продолжен им е оперативниот век, полесни се и побезбедни. Практичната примена е огромна, од хуманоидни роботи, до електрични автомобили и летала.

Традиционалните методи на литиумски батерии бараат постојан притисок од гломазна надворешна опрема, што ги прави батериите премногу големи и тешки за практична употреба.

Кинеските научници развија самоадаптивна меѓуфаза кај литиумските батерии во цврста состојба која одржува близок контакт помеѓу литиумската метална анода и цврстиот електролит без надворешен притисок. 

Истражувачите од Институтот за физика на Кинеската академија на науките (CAS), Институтот за технологија и инженерство на материјалите Нингбо на CAS и Универзитетот за наука и технологија Хуажонг открија дека контактот помеѓу литиумската електрода и цврстиот електролит кај батериите во цврста состојба не е идеален, туки има мали пори и пукнатини, кои го скратуваат животниот век на батеријата и претставуваат ризик за безбедноста.

Во цврстиот сулфиден електролит се додадени јодидни јони, кои автоматски ги пополнуваат сите празнини и пори. Со други зборови, тие овозможуваат регенерација на површината и обезбедуваат тесен контакт помеѓу електродата и електролитот.

Прототипот на овие батерии покажале стабилни и одлични перформанси дури и по стотици циклуси на полнење и празнење под стандардни услови на тестирање, далеку надминувајќи го нивото на слични постоечки батерии.

Технологијата би можела да овозможи идни батерии со густина на енергија што надминува 500 Ват-часови на килограм и со најмалку двојно поголем оперативен век, објаснува Хуанг Сјуеџие, еден од авторите на трудот.

Тој е убеден дека новата технологија ќе има важна улога за напојување на хуманоидните роботи, електричните возила и летала. 

11 октомври 2025 - 12:39