Мажот што го запали Куранот во Лондон го одбрани правото на слободно изразување

Британски крунски суд му ја поништи казната на мажот што го запали Куранот во Лондон и го навредуваше исламот. „Правото на слобода на изразување, ако е право што вреди да се има, мора да го вклучува и правото на изразување ставови што навредуваат, шокираат или вознемируваат, заклучи судијата, реагирајќи на жалбата. Британија одамна го укина законот за богохулење.

Судијата Бенетан оцени дека Хамит Џошкун, кој претходно доби прекршочна казна поради палењето на Куранот, не го насочил својот чин кон некое лице и имал право да навредува.

Живееме во либерална демократија. Едно од скапоцените права што таа ни ги дава е слободата да ги изразиме сопствените ставови и да читаме, слушаме и да разгледуваме идеи без државата да интервенира за да нè спречи во тоа. Цената што ја плаќаме за тоа е да им дозволиме на другите да ги остваруваат истите права, дури и ако тоа нè вознемирува, навредува или шокира, рече судијата Бенатан.

Заблагодарувајќи се на ослободителната пресуда, Џошкун изјави дека ќе продолжи јавно да го критикува радикалниот ислам: „Уверен сум дека сега ќе можам слободно да говорам пред британската јавност за моите верувања“.

Хамит Џошкун, половина Ерменец половина Курд, роден во Турција и жител на Англија, во февруари го запали Куранот пред турскиот конзулат во Лондон и извикуваше „Е..ш ислам“ и „Исламот е религија на терористи“. Притоа тој беше нападнат и повреден од маж вооружен со нож.

Лондонски прекршочен суд во јуни го казни Џошкун со 240 фунти поради нарушување на јавниот ред и мир. Судијата Џон Мекгатва тогаш призна дека „палењето религиозна книга, иако за некои е навредливо, не е нужно и нарушување на јавниот ред и мир“, но забележа дека „немало потреба за користење вулгарни зборови за исламот“.

Напаѓачот Муса Кадри беше обвинет за нанесување телесни повреди и доби условна казна од 20 недели затвор. Кадри ја призна вината и изјави дека „само ја заштитувал својата религија“.

Националното секуларно здружение, кое ми ги плати судските трошоци на Џошкун, ја поздрави ослободителната пресуда.

Ако пресудата беше потврдена, тоа ќе испратеше порака до религиозните фундаменталисти низ целата земја дека да ги спроведуваат своите закони за богохулење и да ги напаѓаат сите што ги навредуваат. Крунскиот суд испрати спротивна порака - дека антирелигиозните протести, колку и да се навредливи за вистинските верници, мора да се толерираат, изјави лордот Јанг од Актон, основач на здружението.

Роберт Џенрик, секретарот за правда во сенка, оцени дека е спречен обидот на правосудството тивко да ги врати законите за богохулење. 

Воопшто не ми се допадна тоа што го направи господинот Џошкун. Палењето религиозен текст не беше пријатно. Но, исто така, тоа никогаш не беше кривично дело. Значи, ова е важна победа за слободата на говорот. Парламентот гласаше за укинување на законите за богохулство пред 20 години. Беше срамно што властите се обидоа да ги вратат преку задната врата, изјави Џенрик.

Законите за богохулство беа укинати во Англија и Велс во 2008 година, а во Шкотска во 2021 година.

11 октомври 2025 - 13:34