Четвороножниот робот на Гоуст роботикс се вика Q-UGV и прв пат е промовиран на годинешната конференција на Асоцијацијата на армијата на САД.
На верзијата на Q-UGV што таму беше претставена имаше монтирано куќиште со снајпер, изработен од СВОРД интернешнл, компанија од Невада која изработува оружје за специјални потреби. Пушката што е опремена на роботот користи 6,5-милиметарски Кридмор куршум, а Гоуст роботикс ветува прецизност на над 1.200 метри.
Процените се дека на цевката ќе може да биде ставен придушувач, меѓутоа не се знае колку муниција може да носи роботот и колку ќе биде тешка замената на муниција.
Самото тоа што се користи Кридмор куршумот кој е прифатен и од Одделот за домашна безбедност и од снајперистите кои се дел од американските специјални операции, се гледа дека роботот не е дизајниран како скаут, па на него да е додадено оружје, туку од старт дека е конципиран како снајпер скаут.
Се уште не е познато колку ќе биде автоматизиран и самостоен роботот, и колку ќе се потпира на вештачка интелигенција. Во сегашната верзија не се споменува никаква имплементација на вештачка интелигенција, меѓутоа не би било некој посебен зафат таа да се додаде.
За сега се знае дека роботот ќе може да изврши далечинска наредба да стави куршум во цевката, да го испука, да ја испразни цевката и да ја закочи пушката.
Рачното навигирање на робот е доста напорно и комплицирано, заради што неговите извиднички функции во кои роботот е само платформа прекриена со сензори „се одлични задачи за автоматизирање“.
Иако извидувањето не е толку спорно ако се автоматизира, оди од точка А до точка Б и снимај, равенката се комплицира кога на ова ќе се додаде оружје, не толку технолошки, колку филозофски, бидејќи не можеш да дозволиш робот автоматски да бира мета и да одлучи дали ќе пука, заради што најверојатно на роботите ќе им треба и човек оператор.
Минатата година првиот човек на Гоуст роботикс објасни дека кога нивните роботи се движат или кога ќе ги шутнеш „тие сили се пресметуваат со брзина од 2.000 калкулации во секунда по нога“.
Меѓу сценаријата за употреба кои доаѓаат на прва е на пример, флота автоматизирани дронови кои од горе командуваат / испраќаат информации до армија вооружени роботи-кучиња кои веќе можат да комуницираат меѓу себе, да се распоредуваат како што е потребно и да елиминираат што и да имаат пред себе.
Самата помисла на армија четвороножни роботи вооружени со снајпери (а нема зошто не би можеле и со некое автоматско оружје) оправдано прави луѓе да се накострешени и да се чувствуваат загрозено. Заради ова реакциите на јавноста на промоцијата на роботот беа од тоа дека ова е „бездушно парче хардвер за брутално потиснување на популацијата баш во време кога милијардерите почнаа да чувствуваат страв за своите нелегално стекнати придобивки“, или логично загрижени луѓе кои прашуваат „после два Блејд ранери, Вестворлд серија и филм, 10 филмови Терминатор, Батлстар Галактика и Јас Робот, вие уште мислите дека ова е добра идеја?“