Проблемот со инсистирање на постоење херој изумител е штетен во смисла дека гаи и возвишува индивидуализам во време кога за решавање на глобалните проблеми од типот енергетска криза, пренаселеност и климатски промени, е потребна општа, масовна и сеопфатна соработка меѓу поединци, професии и цели нации.
„Незапирливиот нагон и генијалност на бројните тимови во Епл не е за сомневање. Меѓутоа има стотици откритија и иновации без кои Ајфонот воопшто не би бил возможен. Секој од нив е резултат на неброени истражувачи, универзитети, влади и приватни компании кои редат иновација на иновација,“ пишува Метју Хајс во Саентифик Американ.
Како пример тој го дава екранот на допир, чија историја почнува во 1960тите и радаристот кој работи за британската влада, Ерик Артур Џонсон. Тој објавува текст во Електроникс летер од 1965 под наслов „Екран на допир - необичен влезен уред за компјутери“, кој и ден денес е цитиран од научници. Во 1969 тој добива патент што денес е наведен во огромен број славни изуми меѓу кои и патентот на Епл од 1997 „преносен компјутер рачен мобилен телефон“.
Од текстот на Џонсон до појавата на Ајфонот, доделени се милијарди долари на студии и истражување на технологии за екран на допир, притоа најголемиот дел од нив надополнувајќи се и продолжувајќи од таму каде што застанала претходната.
Само еден патент на Епл за технологијата на екран на допир цитира над 200 научни студии, објавени од академски друштва, комерцијални проекти и универзитети.
„Ниту овие автори не работат сами. Најголемиот дел од нив се дел од тим. Најголемиот дел од нив добиваат грант за нивното истражување. Студијата на секој од нив е независно проверена барем од еден надворешен научник,“ објаснува Хајс, посочувајќи дека ако се пресмета колку луѓе се вклучени во 200-те трудови наведени во патентот на Епл ќе се дојде до илјадници научници.
Слично е и со литиумската батерија на Ајфонот, чиј прв функционален пример е создаден од британскиот научник Стенли Витингхам додека работи за Ексонмобил во 1970-те. Иако и претходно се знае дека литиумот може да биде искористен за складирање енергија, Витингхам и неговиот тим успеваат да го направат ова на собна температура, без ризик од експлозија.
Трудот на Витингхам го презема Џон Гуденаф од Универзитетот Оксфорд и ги унапредува неговите откритија и нивните перформанси за со тек на време Сони да се заинтресира за технологијата и да стане првата компанија што ги комерцијализира литиумските батерии. Во 1991 Сони во Јапонија го пушта во продажба првиот мобилен телефон со литиумска батерија. Дваесет и кусур години подоцна, во 2016 бизнисот со литиумски батерии на Сони е купен од Мурата мануфактуринг, главниот снабдувач на Епл со литиумски батерии.
Пред неколку месеци, сега 95-годишниот Гуденаф, во Журналот на американското хемиско друштво објави студија во која тврди дека создал литиумски батерии за електрични автомобили кои можат да бидат користени 23 пати повеќе отколку сегашниот просек.
„Ајфонот е технологија што ја дефинираше ерата, а такви технологии не доаѓаат во форма на ретка брилијантност на еден човек или организација, туку слој над слој иновации и децении за децении истражување, со илјадници поединци и организации кои стојат рамо до рамо, гледајќи малку подалеку во иднината. Во нашето доба на наизглед несовладливи глобални предизвици ние не само што треба да го запаметиме ова, туку и да бидеме инспирирани од него,“ порачува Хајс.