Израел им ги потроши ракетите на САД

САД откажаа продажба на оружје на Тајван за 14 милијарди долари и сериозно ги исцрпи резервите од најсовремени проектили поради војната во Иран на која инсистираше Израел. Но, муницијата употребена во војната не е распоредена рамномерно. За одбрана на Израел од ракетните напади биле истрелани многу повеќе американски отколку израелски ракети. 

Израел не е способен сам да се бори и да добива војни, но никој всушност не го знае ова, бидејќи никогаш не ја гледа задната страна, изјавил за Вашингтон пост анонимен функционер од Пентагон.

За одбрана на Израел од иранските напади САД лансирале повеќе од 200 пресретнувачи од типот THAAD – што е приближно една половина од вкупните резерви со кои располага Пентагон. Од бродови во источните води на Средоземно Море биле истрелани повеќе од 100 пресретнувачи од типот SM3 и SM6.

Спротивно на тоа, Израел употребил помалку од 100 од своите пресретнувачи Arrow и околу 90 пресретнувачи од системот David’s Sling, главно за неутрализирање на помалку софистицирани проектили од проирански групи во Јемен и во Либан.

Овие бројки се впечатливи. САД апсорбираа поголем дел од мисијата за ракетна одбрана, додека Израел ги штеди своите резерви. Дури и да имаше здрава оперативна логика, САД останаа со околу 200 пресретнувачи THAAD и со производствена линија што не може да го следи темпото на побарувачката, предупредува Кели Грико, од аналитичкиот центар Стимсон.

Ако САД и Израел ги обноват нападите против Иран, како што периодично се заканува претседателот Доналд Трамп, американските сили ќе мора да потрошат уште повеќе пресретнувачки ракети, бидејќи Израел неодамна исклучи некои свои противвоздушни батерии „заради редовно одржување“.

И покрај тврдењата на Трамп дека ракетниот арсенал на Иран е „претежно уништен“, Техеран задржал околу 70% од своите предвоени залихи на ракети, според американските разузнавачки служби.

Израелските сили се истрошија во Газа и Либан, и прашање е дали израелските команданти ја потцениле способноста да го одржат оперативното темпо, додава Грико.

Пентагон ги отфрли обвинувањата за нерамнотежа во користењето на воените ресурси за одбрана на Израел.

Пресретнувачите на балистички ракети се само една алатка во огромната мрежа на системи и капацитети што сочинуваат слоевита и интегрирана мрежа за воздушна одбрана. Израел и САД го понесоа одбранбениот товар подеднакво за време на операцијата „Епски бес“, во која двете земји користеа борбени авиони, системи против беспилотни летала и разни други напредни капацитети за воздушна и ракетна одбрана со максимална ефикасност, изјави портпаролот Шон Парнел.

И израелската влада го брани овој пристап.

Операциите „Рикачки лав“ и „Епски бес“ беа координирани на највисоко и најтесно ниво, во корист на двете земји и нивните сојузници. САД немаат друг партнер со воена подготвеност, заеднички интереси и капацитети како Израел, соопшти израелската амбасада во Вашингтон.

Сепак, постојаниот притисок на Нетанјаху за нови напади иритира се повеќе американски конгресмени, поради стравувањата дека САД не само што ќе го изгубат капацитетот да ги бранат своите други стратешки партнери во Пацификот, туку нема да можат ни самите да се одбранат од евентуален напад. 

Јапонија и Јужна Кореја се потпираат на воената моќ на САД заради одвраќање на потенцијалните закани од Северна Кореја и од Кина. 

САД во четвртокот ја одложија продажбата на американско оружје за Тајван во пакет вреден 14 милијарди долари.

Во моментов правиме пауза за да се осигуриме дека ќе ја имаме муницијата што ни е потребна за операцијата „Епски бес“, а ја имаме во изобилство, изјави секретарот на Воената морнарица на САД, Хунг Цао.

23 мај 2026 - 11:42