„За вака сериозни одлуки како забрана, ти требаат докази,“ изјавил за Шпигел првиот човек на Федералната канцеларија за информациска безбедност, Арне Шоенбом, дополнувајќи дека агенцијата до сега нема такви докази.
Шоенбом изјавил дека експерти од неговата агенција ги испитале производите на Хуавеи и нивни компоненти од цел свет. Тие исто така ја посетиле и новоотворената лабораторија на Хуавеи во Бон, каде германските клиенти можат да ги истражуваат мерките за сајбер-безбедност што ги имплементира Хуавеи и софтверот што се користи во нивните производи.
Моментално трите главни германски мобилни оператори во своите мрежи користат инфраструктура од Хуавеи, а компанијата има и некои од најпродаваните смартфони во земјата.
Австралиски Фајненшл Ривју неодамна објави дека на состанок во Канада во јули 2018, првите луѓе на разузнавањето на Австралија, Канада, САД, Нов Зеланд и Британија, (познати како Петте очи), се согласиле да направат се што можат за да го спречат глобалниот подем на Хуавеи, кој е еден од главните играчи во телекомуникациска опрема за 5Г. Како резултат на тоа овие држави воведоа или планираат да воведат забрана за користење на опрема од Хуавеи во нивните телекомуникациски мрежи и наредија нејзино вадење онаму каде што е поставена, а главно е поставена во изградбата на 5Г мрежи.
Според Шпигел САД извршиле притисок врз Германија и тие да го направат истото.
Инаку документите кои пред некоја година беа објавени од Викиликс покажаа дека германски канцелари (вклучително и Меркел) со децении биле прислушувани токму од американските разузнавачи, и дека за тоа биле користени и рутери од Циско (со или без нивно знаење / согласност), еден од водечките американски брендови за мрежна опрема.