„Мислиме дека за година-две ќе имаме игри кои ќе течат побрзо и ќе бидат пореспонсивни на клауд отколку на локален компјутер, без оглед на тоа колку моќна машина имаме дома,“ вели вториот човек на Стадиа, Мај Бакар.
Притоа, во оваа проекција Гугл не се потпира на грандиозно брз и стабилен интернет ниту пак на хардверските капацитети на својата платформа, туку на машинското учење и вештачката интелигенција.
Стриминг технологијата која ја развиваат вклучува таканаречено „негативно доцнење“ односно, за да се забрза играта, платформата ќе предвидува што играчот ќе направи, пред тоа тој навистина да го направи. Ако Гугл навистина успее беспрекорно да ги предвидува потезите на играчот, играта реално ќе се забрза бидејќи кога човек ја притиснува посакуваната команда, софтверот веќе му ја испорачува реакцијата на играта во дадената ситуација.
Како, што, појма немаме. Нема појма ни PCMag кој во оваа фаза поставува само логични прашања и дилеми. Ако Гугл предвидува како ти ќе изиграш, дали играта реално ја играш ти? И што се случува ако предвидувањето е погрешно? Дали играта, односно ситуацијата во неа ќе успее да се опорави доволно брзо за играчот да не примети дека нешто не е во ред со неговите команди?