
Ја сакаме таа база назад. Тоа е на еден час од местото каде што Кина го произведува своето нуклеарно оружје, изјави Трамп при посетата на Лондон.
За разлика од 2001 година, кога Американците извршија инвазија врз Авганистан и фрлија илјадници тони бомби гонејќи ги Осама бин Ладен, Ал каеда и талибанците, Трамп сега има план да се врати преку „некаков вид согласност“ со истите тие талибанци, од кои генерации израснаа и хиерархиски напредуваа токму поради ефикасноста со која убиваа американски војници.
Трамп го обвини својот претходник Џо Бајден поради хаотичното повлекување на американските трупи во 2021 година, а особено поради тоа што на талибанците им оставил многу оружје и воена опрема. Тој оцени дека понижувачкото повлекување го охрабрило рускиот претседател Владимир Путин да ја нареди инвазијата врз Украина шест месеци подоцна.
Трамп го посака Баграм и во февруари, кога истакна дека „една од најголемите воздухопловни бази во светот сега ја управуваат Кинезите“.
Тоа е најмоќната база во светот според должината и цврстината на пистите од бетон и челик. Таму може да приземјите сè. Може да спуштите цела планета врз неа, изјавил вчера Трамп.
Покрај пистата, Баграм беше минијатурна Америка, со ресторани „Бургер кинг“ и „Пица хат“, супермаркети за сè од електроника до рачно ткаени теписи и огромен затворски комплекс. Кога си заминаа, американските трупи оставија сè што не можеа да спакуваат во товарните авиони. Ги онеспособија хеликоптерите и тешкото оружје, но голем дел од нив талибанците успеаја да ги поправат и сега се китат со нив на воените паради.
Враќањето таму, дури и со дозвола од талибанците, одбранбени експерти го споредуваат со нова „инвазија“, за која ќе бидат потребни најмалку 10.000 војници и огромни пренасочувања на техника.
Анонимен функционер во Вашингтон изјави за Ројтерс дека сè уште нема активни планови за таква операција. Изворот наведува дека ќе бидат потребни многу пари и време за да се поправи, снабди и опреми базата, која е далеку од морскиот брег. Уште потешко ќе биде да се расчисти, задржи и обезбедува огромниот периметар околу неа, за да се заштитат војниците од бомбашки и ракетни напади од талибанците, остатоците на Ал каеда, Исламска држава и разни други џихадисти. Базата може да биде ранлива и од ирански проектили.
Не гледам посебна воена предност да се биде таму. Ризиците ги надминуваат потенцијалните придобивки, оцени поранешен висок американски офицер.