Австрија и Италија се споија под Алпите

Хидраулична дупчалка вчера ги проби последните карпи од тунелот што ќе ги спојува Италија и Австрија 1,5 километар под Алпите. Тунелот Бренер не е само градежно чудо, туку и витален дел од амбициозниот европски проект за потесно сообраќајно вмрежување, скратување на времето на патување меѓу метрополите и пробивање копнен коридор од Хелсинки до Палермо.

Кога по седум години низ него ќе помине првиот воз, Бренер ќе биде вториот најдолг железнички тунел во светот, не сметајќи ги метроата. Главниот е во должина од 55 километри помеѓу Фортеца во Италија и Тулфес во Австрија, а заедно со сегашните до Инсбрук ќе се протега вкупно 64 километри. Проектот е кофинансиран од ЕУ и ќе чини вкупно 8,8 милијарди евра.

Патувањето од Фортеца до Инсбрук ќе се скрати од 80 минути, преку превојот Бремер, на 25 минути преку тунелот под него. Превојот Бремер е еден од најкористените транспортни рути преку планини во Европа. Секоја година преку него поминуваат 2,5 милиони камиони, 14 милиони автомобили и 50 милиони тони стока. Денес 70% од товарниот транспорт преку Алпите е преку патишта.

На церемонијата на спојувањето под Алпите, премиерката Џорџа Мелони и канцеларот Кристијан Штокер го истакнаа проектот како клучна алка во проектот на Европа за железничко поврзување од Скандинавија до Сицилија.

Нема проект што е преголем за да се реализира, изјави Мелони.

Тунелот Бренер е меѓу четирите клучни инфраструктурни проекти што ги почна Италија и кои од почетокот на идната деценија ќе го забрзаат транспортот и ќе го префрлат од асфалт на шини. Има и уште 40 регионални, од кои повеќето се финансирани со 25-те милијарди евра од фондовите на Европската Унија за закрепнување од пандемијата. 

Брзата железничка линија Тортона-Џенова од 53 километри што го поврзува пристаништето Џенова со Пиемонт, со врски до Милано, вклучува 37 километри тунели, најголемиот од 27 километри. Целта е преку неа до 2050 година за 50% да се зголеми транспортот на стоки од лигурските пристаништа Џенова, Ла Специја и Савона во северна Европа. Времето на патување од Милано до Џенова ќе се намали од 90 минути на околу еден час. Цената за изградба е 8,5 милијарди евра, а тунелите се завршени 90%. 

Тунелот за брза железница Лион-Торино, вреден 11 милијарди евра, се протега на повеќе од 65 километри. Основниот тунел од 57,5 километри ќе биде најдолгиот во светот кога ќе биде завршен во 2033 година. Проектот има за цел да отстрани повеќе од 1 милион тешки товарни возила од патиштата во западните Алпи помеѓу Франција и Италија. Времето за патување на патници помеѓу Париз и Милано – втората и третата по големина метрополитенска област во Европа - ќе се намали на 4,5 часа, од сегашните 7.

Мостот преку Месинскиот Проток, вреден 13,5 милијарди евра, ќе ја спои италијанската чизма со Сицилија. Мостот со еден распон ќе се протега од Месина до Вила Сан Џовани, Калабрија, со шест ленти за автомобили и две железнички пруги. Владата чека конечно одобрение од ревизорите за да ги почне градежните работи. Се очекува да биде завршен до 2032 година.

19 септември 2025 - 12:37