
Кинескиот товарен брод со контејнери „Истанбул бриџ“ в сабота ќе исплови на историско патување кон Европа. Од пристаништето Нингбо-Џоушан (најголемото во светот) ќе тргне на север, кон Арктикот, ќе плови близу брегот на Русија и по 18 дена треба да стаса до Феликсстоу во Британија. Ќе биде придружуван од кршачи на мраз, кои ќе му го пробиваат патот ако некаде заглави.
Кинески брод лани преку Арктикот беше на пробна пловидба од 26 дена директно до германското пристаниште Вилхелмсхафен. За разлика од претходните експериментални мисии, планот сега е да се трасира Северноморската рута која ќе биде редовна и ќе поврзува повеќе пристаништа во Азија и во Европа. Пред да стаса до британскиот брег, бродот ќе запре во четири пристаништа во Кина, а потоа и во Гдањск во Полска, Хамбург во Германија и Ротердам во Холандија.
Ако „Истанбул бриџ“ се пробие без проблеми и го заврши патот на време, ќе ја воспостави најбрзата линија за транспорт на стоки од Кина до Европа, ако се исклучи авионскиот превоз. За споредба, за транспорт по железница се потребни 25 дена, а бродскиот сообраќај по јужните рути е многу побавен. По најкраткиот пат, преку Суецкиот канал, на бродовите им се потребни 40 дена да стигнат од Кина до Европа. Оние што ја заобиколуваат Африка пловат 50 дена.
Со пробивањето на рутата уште повеќе ќе се зголеми важноста на пристаништето Нингбо-Џоушан, од кое кинески бродови со контејнери пловат кон вкупно 308 локации. Од овие линии 24 се „експресни“, каква што треба да биде и Северноморската.
Рутата засега изгледа како сезонски спореден проект низ кој ќе поминува можеби 1% од трговијата. Нема да ги потресе трговските линии, но може да послужи во шпицот на сезоната, особено ако е потребен побрз транспорт, забележува Питер Санд, главен аналитичар во консултантската компанија за превоз Ксенета.
Сите кинески производи наменети за божиќните празници во Европа тргнуваат од Кина при крајот на септември и потребни им се просечно 50 дена за да стигнат во Ротердам. Сè се испраќа во еден бран, поради што се создава метеж. Големите бродови можат да чекаат една или две недели пред да впловат во Ротердам или Хамбург. Преку Арктикот бродовите ќе пристигнат три-четири недели порано, кога пристаништата се празни.
Малте Хамперт, основач на Арктичкиот институт, тинк-тенк со седиште во Вашингтон, вели дека Арктикот нема да ги замени Суецкиот и Панамскиот канал како главни поморски јазли. Тој сепак е зачуден од брзината на реакцијата на Кинезите.
Пред десет години, сите мислеа дека пред 2040 или 2050 година нема да видиме контејнерски превоз низ Арктикот. И еве нè во 2025 година, а Кинезите го прават тоа. Дали заработуваат пари? Всушност не е важно... Стекнуваат знаење и искуство и ги обучуваат бродските екипажи, вели Хамперт.