
Полската влада дури осум дена по инцидентот призна дека куќата во мирното село Вирики кај Лублин покрај границата со Украина била погодена со ракета истрелана од авион „ф-16“ од воздухопловниот контингент на НАТО во земјата. Ракетата во лет се деактивирала и удрила во куќата „како ѓуле“, го пробила покривот и не експлодирала.
Сите докази укажува дека станува збор за ракета испукана од наш авион, кој ја брани Полска, ја брани татковината, ги брани нашите граѓани, призна министерот Томаш Сјемонијак, одговорен за специјалните служби.
На 10 септември Варшава објави дека дека 19 руски беспилотни летала навлегле во воздушниот простор на Полска. Согласно одбранбените правила, итно била крената тревога во НАТО, кој испратил борбени авиони да реагираат на заканата. Во мисијата биле ангажирани италијански извидувачки авион AWACS и германски систем за противвоздушна одбрана Патриот, а за пресретнување ловци ф-16 и ф-35.
Сите дронови биле соборени и некои од остатоците беа прикажани пред јавноста. Идентификувани биле сите, но она што паднало врз куќата на повозрасната брачна двојка од Вирики не се вклопувало во шемата.
Објектот во моментов не е идентификуван ниту како дрон ниту како негови фрагменти, било запишано во официјалното соопштение.
Сега е објавено дека „неидентификуваниот летечки објект“ бил AIM-120 AMRAAM, напредна ракета воздух-воздух истрелана за да пресретне руски дрон. Ракетата чини околу 2 милиони долари и ја има во арсеналот на речиси сите сојузници од НАТО.
Безбедносен извор изјави за весникот „Жечпосполита“ дека причина за инцидентот најверојатно бил дефект на системот за наведување. Коментирајќи го молкот, „Жечпосполита“ ги обвини обвинителството и војската дека кријат битни информации од јавноста.
Премиерот Доналд Туск ја префрли одговорноста за штетата врз Русија, „без оглед чиј бил проектилот“, но истакна дека куќата ќе биде обновена на државен трошок.