Нови препораки за вакцинирање деца во САД

Со новите препораки се разбива комбинираната имунизација од варичела, мали сипаници, заушки и рубеола во една вакцина кај деца под четири години. Тоа се поврзува со напади на треска кај децата по првата доза. Оспорена е и досегашната препорака за вакцинирање на сите новороденчиња против хепатитис Б, а не само на оние со ризик дека може да го наследат од мајката.

Советодавниот комитет за вакцини избран од американскиот секретар за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор им препорача на Центрите за контрола и превенција на болести да се имунизираат децата помлади од 4 години со посебни вакцини, една против MMR (мали сипаници, заушки и рубеола) и друга за варичела.

Дискусиите за вакцината MMRV се фокусираа главно на ретки случаи на напади од треска поврзани со првата доза дадена на деца на возраст меѓу 1 и 2 години. Членот на Комитетот, д-р Коди Мајснер, рече дека ваквите напади може да бидат многу застрашувачко искуство за семејствата. Други медицинските експерти тврдат дека нападите не се поврзани со нарушување на функцијата на мозокот или со проблеми на училишна возраст. 

За вечерва е одложено гласањето за препораките за вакцинирања на новороденчиња против хепатитис Б и за вакцините против ковид-19.

Вакцината против хепатитис Б за прв пат беше лиценцирана во САД во 1981 година, а во 2005 беше препорачано вакцинирање во рок од 24 часа по раѓањето за сите медицински стабилни бебиња кои тежат најмалку 2 килограми. Студии покажаа дека вакцините за новороденчиња се ефикасни од 85% до 95% во спречување на хронични инфекции со хепатитис Б.

Вики Пебсворт, директорка за истражувања на Националниот информативен центар за вакцини, пред комисијата изјави дека се уште има научни несогласувања за безбедноста.

Заклучокот дека се безбедни веројатно е избрзан, предупреди Пебсворт.

Кај возрасните вирусот се шири преку сексуален однос или преку споделување игли при инјектирање, но, може да се пренесе и од заразена мајка врз бебе, по што дури 90% од заразените доенчиња имаат хронични инфекции.

Д-р Евелин Грифин и други членови на комитетот ја оспорија препораката итно да се вакцинираат сите новороденчиња, а не само оние од мајки позитивни на хепатитис Б.

19 септември 2025 - 10:19