МЕПСО Азија

Азиска супермрежа за напојување на светот

Планот на Кина, Русија, Јужна Кореја и Јапонија е електрична мрежа од илјадници километри со капацитет од 1000 киловолти која ќе ги поврзе областите од светот кои се најпогодни за производство на енергија од обновливи извори, со областите од светот кои најмногу трошат електрична енергија.

Концептот е дело на основачот на јапонскиот телеком гигант Софтбанк, Масајоши Сон, кој по уништувањето на нуклеарната електрана во Фукушима во 2011 одлучува да основа Институт за обновлива енергија која го развива проектот. Вкупниот капацитет на мрежата која треба да се простира преку неколку континенти треба да биде над 10 гигавати.

Неговиот план предвидува поставување ветерници и соларни колектори во пустината Гоби во Кина, чиј капацитет се проценува дека е "еднаков на илјадници нуклеарни реактори". Подоцна за проектот интерес покажуваат најголемите корејски и кинески компании за електрична енергија, а по нив се приклучува и руската ПСЈЦ Росети. Во март годинава во Пекинг се основа ГЕИДКО (Global Energy Interconnection Development and Cooperation Organization), во која освен четирите потписници  членуваат производители, компании и универзитети од уште 14 држави.

Освен производството, главна цел на планот е поврзување на светската мрежа на електрична енергија со изворите на обновлива енергија. Додека најпогодни области за производство на обновлива енергија се северна Африка, централна Азија, источна Русија и југоисточна Азија, најголемиот дел од потрошувачите и побарувачката доаѓа од Европа, јужна Африка и источна и југоисточна Азија.

15 ноември 2016 - 10:07