Уредникот на Лајт ридинг, сајтот специјализиран за вести од индустријата за комуникации, Иан Морис, во сумирањето на годината пишува:
„Ретко кога технологија генерирала толкава возбуда во индустријата а да биде дочекана со таква незаинтересираност од поширокиот пазар. Гледај како погледот на твојот сосед полека исчезнува во далечината додека ти му опишуваш како ќе има поголема брзина и помала латенција (доцнење). Примети како тој не успева да ја сподели твојата возбуденост кога ќе му кажеш дека 5Г обезбедува дополнителен капацитет и ги намалува трошоците за операторите.
Индустријата изгледа живее во 1999, уште една луда година кога ИТ нердовите ги убедуваа директорите на компаниите дека милениумското префрлање на датумот ќе ги ресетира сите часовници, ќе ги избрише сите записи и ќе го започне крајот на цивилизацијата. Истата таа година го обележа и појавувањето на 3Г, која ветуваше интернет револуција но немаше снага за да го оствари тоа. Денес операторите почнаа да ја вадат.
Додека 4Г тивко го зачисти хаосот на 3Г, со помош од Епл и останатите производители на уреди, 5Г ниту решава некој потрошувачки проблем, ниту испорачува ново искуство. И токму тука лежи големиот проблем. И покрај сите недостатоци, 3Г звучи возбудливо во 1990-те, кога мобилните телефони беа користени само за разговори и пораки, а дури и интернетот од фиксен телефон беше во зародиш. За да ја достигне таа возбуденост 5Г треба да ветува нешто што е идентично револуционерно, а не го прави тоа (за просечниот човек).
5Г тоа не го постигнува ни кај некои потенцијални бизнис корисници. На пример енергетскиот гигант Шел тврди дека 4Г ќе му заврши работа во најголемиот дел од случаите, тука вклучувајќи го и системот за одржување што сега го инсталираат. „Заинтересирани сме за 5Г, но нема да бидеме силата што ќе го турка“, изјави ЦТО-то на Шел, Јохан Креберс.
И покрај сето ова, политичарите звучат идентично опиени од 5Г како и телеком индустријата. Владите низ светот паднаа на приказната дека 5Г е најважниот изум од откривањето на тркалото. Одеднаш има 5Г трка чии победници ќе ја наследат планетата - барем кратко пред таа да биде потопена од растечките мориња. 5Г дури е дел и од трговската војна меѓу Кина и САД: луѓето на Трамп се борат со Хуавеи затоа што тврдат дека неговите 5Г производи можат да бидат искористени за осакатување на инфраструктурата на Западот, во корист на Кина.
Како невозбудливо и да звучи ова, 5Г ќе биде сеприсутна за една деценија од сега, со милијарди корисници. Најголемиот дел од урбаните корисници ќе бидат префрлени на 5Г со помош на маркетингот на операторите и новите уреди кои полека ќе ја вклучуваат новата технологија. Најголемиот дел од бизнисите ќе ја прифатат од слични причини. Во ваква околина, 5Г постепено ќе го замени 4Г во поврзувањето на машините (ИоТ), што ќе помогне фабриките, рударските окна и нафтените платформи да бидат попродуктивни и побезбедни.
Она што 5Г веројатно нема да го направи е да внесе нов живот во телеком индустријата. Во заситени и конкурентни држави како Британија, 5Г сервисите веќе се со цена на ниво на 4Г. ИоТ секторот расте, но тој нуди мали приходи од чиста конективност. Што е до пазарот на опрема, предвидувањата се дека ќе има скромен раст бидејќи операторите не се расфрлаат со ресурси, полека ќе внесуваат нова 5Г опрема и кај што е можно ќе користат софтверски апдејти. Хуавеи се надева дека растот ќе дојде од вештачката интелигенција, додека за Нокиа продажбата на комуникациска опрема вон телеком секторот е најдобра кладба.“